Etna vulkan
Фото: ЕПА

Зголемената вулканска активност на италијанската Етна предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај на Сицилија. Најактивниот вулкан во Европа продолжува да исфрла големи количества вулкански пепел и вжештени парчиња карпи, пренесе „Ројтерс“.

Според Националниот институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ), густи текови лава истекуваат од два отвора на падините на вулканот, на надморска височина од околу 2.360 и 2.750 метри.

Поради опасноста за воздушниот сообраќај, денеска се прекинати сите слетувања на аеродромот во Катанија. Според операторот, мерката е во сила до 17 часот по локално време, односно до 15 часот по Гринич.

Воздушниот сообраќај е нарушен веќе неколку дена, во период кога Сицилија е преполна со туристи. Поради откажаните и пренасочени летови, дел од патниците се принудени да го користат аеродромот во Палермо, додека други до своите дестинации патуваат со воз.

Во моментов е во сила највисокото, црвено ниво на вулканска тревога. Тоа значи дека ерупција проследена со значителен облак од вулкански пепел се очекува да се случи или веќе е во тек.

Етна е висока повеќе од 3.300 метри и е еден од најактивните вулкани во светот. Поради честите ерупции, нејзината активност постојано се следи.