Премиерот Христијан Мицкоски денеска оддаде почит на осумтемина македонски бранители кои загинаа кај Љуботенски Бачила пред 25 години, истакнувајќи дека нивната жртва останува трајно потсетување на цената на мирот, слободата и безбедноста.
Во објава на Фејсбук, Мицкоски се потсети на трагичниот настан од 10 август 2001 година, кога при активирање мина на патот кон Љуботенски Бачила животот го загубија припадниците на резервниот состав на Армијата Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.
– Денес со длабока почит се поклонуваме пред нивната жртва и пред нивните семејства, кои 25 години ја носат болката од загубата на своите најмили – наведе премиерот.
Мицкоски во објавата потсети и на Ацо Ангеловски, припадник на полициските сили, кој во 2000 година го загуби животот во Арачиново.
– Жртвата на бранителите не е само дел од минатото, таа е трајно потсетување дека мирот, слободата и безбедноста имаат своја цена – порача Мицкоски, додавајќи дека должност на државата е да го негува споменот на загинатите, да ја почитува нивната храброст и нивната приказна да ја пренесува на идните генерации.
– Вечна им слава на бранителите – порача премиерот.
































