Фото: Независна управа за јавни приходи на Грција

Грчките царински служби заплениле вкупно 1.296 боци нелегална разладна течност – фреон, при контроли на две товарни возила на граничните премини Дојрани, кон Македонија, и Кипи, кон Турција., пренесе МИА.

Според грчката Независна управа за јавни приходи (ААДЕ), избегнатите царини и даноци во двата случаи се проценуваат на повеќе од 338.000 евра.

На граничниот премин Дојрани, при контрола на празен товарен контејнер со македонски регистарски таблички, цариниците откриле 296 боци фреон од типот R134a. Тие биле скриени во специјално направена преграда во контејнерот.

За овој товар, според ААДЕ, пресметаните царини и даноци изнесуваат околу 55.000 евра.

Во вториот случај, на граничниот премин Кипи кон Турција, бил запрен камион со турски регистарски таблички. При претресот биле откриени 1.000 боци фреон од типот R404A, внимателно скриени под пријавениот товар од гипс-картонски плочи.

Грчките власти наведуваат дека увозот на овој тип течност во Европската Унија е забранет. Вредноста на запленетиот товар во овој случај е проценета на 884.400 евра, додека избегнатите царини и даноци изнесуваат 283.538,64 евра.

Акцијата била спроведена на 7 август во рамки на насочените контроли за сузбивање на шверцот и заштита на животната средина.

Целиот нелегален товар од двата случаи е запленет, а грчките царински служби ги презеле предвидените законски постапки.