Анализа на италијанскиот новинар и аналитичар Томас Фази за ЕУ како „сложена мрежа за обликување на јавното мислење“
- Милијарди за „европските вредности“, грантови за НВО, медиуми, универзитети и за борба против„дезинформациите“ – каде завршува поддршката на демократијата, а каде почнува европската пропаганда?
Европската Унија не е само политички и економски сојуз. Според италијанскиот новинар и аналитичар Томас Фази, таа постепено изградила и нешто друго, „сложена мрежа за обликување на јавното мислење“!
Невладини организации, медиуми, универзитети, истражувачки центри и граѓански иницијативи се поврзани со систем на европско финансирање вреден милијарди евра. Официјално, целта е промовирање на човековите права, демократијата, граѓанското учество и европските вредности. Истражувачкиот новинар Фази, меѓутоа, тврди дека зад ова стои и многу посериозна политичка функција, а тоа е создавање средина во која „европската интеграција станува не само политика туку и доминантен идеолошки хоризонт“.
Две милијарди за „вредностите“
Еден од главните инструменти е програмата ЦЕРВ – „Граѓани, еднаквост, права и вредности“, која во периодот 2021–2027 располага со повеќе од две милијарди евра. Средствата се наменети за широк спектар активности. Дел од нив се однесуваат на теми за кои тешко може да има спор – заштита на децата, борба против насилството, човекови права и поддршка на ранливите групи.
Но Фази укажува на друг сегмент од финансирањето: проекти насочени кон европската интеграција, промоција на европските институции, борба против евроскептицизмот и национализмот и зајакнување на европскиот идентитет.
Тука се појавува клучната дилема: може ли организација да биде целосно независна од политичката власт кога значаен дел од нејзиното финансирање доаѓа токму од таа власт? Според Фази – тешко.
Од поддршка до зависност
Новинарот, истражувач и аналитичар Томас Фази не тврди дека секоја европски финансирана НВО е пропагандна организација. Неговата теза е посуптилна. Имено, дека „системот на грантови создава структурна зависност“! Организациите аплицираат за средства според приоритети што ги дефинираат европските институции. Кој сака да добие финансирање, мора да се вклопи во рамките на европските повици.
На тој начин, според критичарите на системот, институциите не мора директно да им кажуваат на невладините организации што да зборуваат. Доволно е да дефинираат што ќе биде финансирано. Така настанува механизам во кој политичкиот приоритет може да стане граѓански проект, а европската политика – „независна“ општествена иницијатива.
Полска и Унгарија: Брисел влегол со директно влијание во изборните процеси?!
Најинтересниот дел од анализата се однесува на Полска и Унгарија. Токму овие две земји со години се меѓу најголемите политички противници на Брисел во рамките на ЕУ. Фази наведува дека преку ЦЕРВ од 2021 година во нив биле распределени околу 40 милиони евра.
Тој посочува и на изјава на претседателот на полската фондација „Рес публика“ (Res Publica Foundation), според која, работата финансирана од ЕУ имала улога во политичките промени што доведоа до смена на власта во Полска во 2023 година.
Ако ова се прифати како показател за поширок тренд, тогаш се отвора многу посериозно прашање: Дали Брисел само ги спроведува своите политики во земјите членки или почнува да влијае и врз политичките услови во кои граѓаните носат изборни одлуки? Фази тврди дека се случува токму второто.
„Дезинформација“ или неподобно мислење
Втората линија на неговата критика води кон дигиталниот простор. ЕУ во последните години воспостави низа механизми за борба против дезинформациите, особено преку регулацијата на големите интернет-платформи. Намерата е да се спречат странски операции за влијание, координирани манипулации и ширење лажни информации.
Фази, сепак, предупредува дека границата меѓу лажна информација и политички став може да стане опасно нејасна. Според него, постои ризик критичките ставови кон европската политика да бидат ставени во ист кош со намерни лажни информации. Тој како пример ги наведува политичкиот хаос околу претседателските избори во Романија во 2025 година и поништувањето на првиот круг поради наводни операции за странско влијание и дезинформации.
Овој случај останува особено чувствителен токму затоа што покажува колку е тешко да се повлече линија меѓу заштитата на изборите и интервенцијата во изборниот процес.
Универзитетите како бриселски сојузници
Европската мрежа на влијание, според Фази, не завршува кај НВО и медиумите.
Следниот столб се – универзитетите! Европските институции со години финансираат истражувања и академски програми преку различни фондови. Еден од најпознатите е „Жан Моне“ (Jean Monnet), кој поддржува илјадници академски позиции и проекти поврзани со европската интеграција.
Од една страна, тоа е логична инвестиција во знаењето за ЕУ. Од друга страна, Фази го поставува прашањето што се случува кога академските институции стануваат зависни од проектно финансирање и кога средствата се доделуваат според приоритети дефинирани од самите европски институции. Универзитетот, традиционално простор за критичко преиспитување на власта, може да стане и простор за репродукција на нејзините идеи.
„Извоз“ на бриселскиот либерално-идеолошки наратив
Европското финансирање, според анализата, не се ограничува на територијата на ЕУ. Фази посочува на десетици милиони евра насочени кон украински медиуми и академски институции по почетокот на руската инвазија во 2022 година.
Поддршката на демократските институции и независните медиуми во земја во војна може да се оправда со потребата од спротивставување на руската пропаганда. Но, од критичка перспектива, останува прашањето: Каде завршува помошта, а каде почнува извозот на политичкиот наратив на донаторот?
Европски „длабок систем“
Фази оди чекор подалеку и зборува за своевиден европски „длабок систем“ (нешто многу слично како „длабока држава“ – н.з.). Тоа е мрежа од институции, бирократи, експерти, НВО и академски структури што можат да го надживеат политичкиот мандат на која било национална влада.
Во таков систем, тврди тој, изборите можат да ја сменат владата, но многу потешко ги менуваат структурите што го обликуваат политичкиот и информацискиот простор.
Тоа е една од најсериозните критики што можат да му се упатат на наднационалниот систем: Дали граѓаните навистина можат да го сменат курсот ако институционалната инфраструктура останува иста без оглед на изборниот резултат?
Демократија или самопропаганда?
Европската Унија има право, а во одредени области и обврска, да ги промовира човековите права, демократијата, еднаквоста и граѓанското учество. Проблемот почнува кога промоцијата на вредностите се претвора во промоција на конкретна институционална структура.
Уште посериозен станува кога средствата на европските даночни обврзници се користат за финансирање организации, медиуми и академски центри, кои потоа го зајакнуваат истиот политички систем од кој ги добиваат средствата.
Тогаш прашањето веќе не е дали ЕУ има право да комуницира со своите граѓани. Прашањето е дали институцијата што го финансира јавниот дискурс може истовремено да биде и неутрален арбитер на тој дискурс.
Кога критиката станува „неприфатлива“?
Новинарот, истражувач и аналитичар Томас Фази смета дека најголемиот успех на оваа европска инфраструктура не е тоа што ги убедила сите граѓани да ја поддржуваат секоја политика на Брисел. Напротив – евроскептичните и националконзервативните партии растат во низа европски држави.
Но, според неговата интерпретација, многу подлабоко се случило нешто друго: идејата за Европската Унија станала толку вградена во политичкиот и општествениот систем што нејзиното надминување тешко може и да се замисли. Може да се критикува комисијата. Може да се напаѓаат европските бирократи. Може да се бараат промени на договорите. Но дали е можно да се замисли Европа без ЕУ?
Токму тука лежи најсилната теза на Фази. Имено, пропагандата постои, но не мора да ве натера да верувате дека системот е совршен. Доволно е да ве убеди дека системот е неизбежен.
И затоа вистинската битка за иднината на Европа можеби нема да се води само на избори. Ќе се води и за тоа кој ги финансира медиумите, кој ги поставува истражувачките приоритети, кој ги дефинира „дезинформациите“ и кој има моќ да одреди кои идеи заслужуваат јавен простор. Брисел тоа го нарекува заштита на европската демократија. Неговите критичари го нарекуваат – европска пропагандна машина. А границата меѓу двете можеби е едно од најважните демократски прашања со кои Европа допрва ќе се соочи. П.Р;Х.И.

































