Основното јавно обвинителство Скопје поведе скратена постапка против 46-годишник осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на повредени во сообраќајна незгода, пренесе МИА.
Според ОЈО, на 7 август околу пладне осомничениот управувал автомобил „Сеат Алтеа“ на улицата „Радишанска“. На крстосницата со улицата „18“ свртел налево без да ги пропушти возилата од спротивната насока, со што му го пресекол патот на мотоциклист кој се движел во спротивна насока.
Во обид да избегне директен судир, мотоциклистот преминал во спротивната сообраќајна лента, каде со моторот удрил во автомобил „Алфа Ромео“. Од ударот, мотоциклистот Никола Макрачевски паднал на коловозот и се здобил со тешки повреди од кои починал. Полесно бил повреден и возачот на „Алфа Ромео“.
ОЈО соопшти дека осомничениот по несреќата го напуштил местото без да им укаже помош на повредените.
За да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката, јавниот обвинител предложил мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, задолжително јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и возачката дозвола.

































