Јуниорскиот Европски џудо куп – Скопје 2026, на кој учествуваат голем број млади и перспективни џудисти од Европа денес свечено беше отворен во Скопје.
Купот свечено го отвори претседателот на Џудо Федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски. На свеченото отворање присуствуваа и амбасадорката на Народна Република Кина, амбасадорката на Јапонија во Македонија, како и претставничката од Министерството за спорт, Гордана Бошевска Цветковска.

Првиот натпреварувачки ден донесе одлични и неизвесни борби, а Македонската џудо репрезентација настапи со седум натпреварувачи – пет во машка и две во женска конкуренција.
Во категоријата -60 кг, Сергеј Димитриоски имаше одличен старт и во првото коло оствари победа над натпреварувач од Израел. Во второто коло беше поразен од џудист од Белорусија, а во репасажот по тешка и неизвесна борба загуби од натпреварувачот од Романија.
Во категоријата -66 кг настапија Игнат Петров и Зоран Колески. Игнат во првото коло беше поразен од натпреварувачот од Израел, додека Зоран беше поразен од претставникот на Србија.
Во категоријата -73 кг настапија Никола Магдески и Петар Давчев.
Никола Магдески имаше одличен настап и го отвори денешниот натпреварувачки дел. Во првото коло со одлично издание го совлада натпреварувачот од Романија со Ипон. Во второто коло се сретна со натпреварувач од Молдавија. Иако до пред самиот крај доминираше и водеше со вазарии, во завршницата ја загуби борбата. Поради големиот број натпреварувачи во категоријата – дури 47 џудисти, Магдески не доби можност за репасаж.
И покрај тоа, Никола прикажа одлично џудо, борбеност и карактер, и достојно ги претставуваше нашата држава и нашата федерација.
Петар Давчев во првото коло беше поразен од натпреварувачот од Србија, со што заврши неговиот настап.
Во женска конкуренција, категорија -63 кг, настапија Ива Богдановска и Драгица Рафтовска. Ива во првото коло беше поразена од натпреварувачката од Белорусија, додека Драгица беше поразена од претставничката на Босна и Херцеговина. И двете, поради исходот на борбите, не добија можност за репасаж.

– Првиот натпреварувачки ден го започнавме со две одлични победи, но во продолжението не успеавме да го задржиме истиот ритам. Сепак, секој од нашите репрезентативци покажа борбеност, желба и достоинствено ја претставуваше Македонија на големата европска сцена. Овој Европски куп е огромно искуство за нашите млади џудисти и уште една можност за стекнување драгоцено меѓународно искуство – велат од Џудо федерацијата.
































