Ченгду во кинеската провинција Сечуан важи за најсреќниот и најпријатен град за живеење во Кина, што можеби се должи на доминантно младата популација, многубројните кафулиња и места за забава, живописните паркови или опуштениот начин на живот. За разлика од некои кинески мегаполиси, каде што темпото на живот е исклучително брзо, жителите на Ченгду се познати по тоа што умеат да најдат рамнотежа меѓу работата и слободното време. За неговите жители, среќата не се мери само со финансискиот успех туку и со времето поминато со семејството, пријателите и уживањето во секојдневните мали моменти. Но, по посетата на овој град, мене ми се чини дека за овој атрибут е можеби најзаслужен ликот на симпатична, сонлива, мрзелива и полничка црно-бела мечка, ретката т.н. џиновска панда, кој се наоѓа речиси на секое ќоше низ градот – сувенири, скулптури, мурали, метро-станици, туристички атракции, па дури како мали слатки колачиња во облик на панда изложени на тезгите на многубројните деликатесни продавнички или како мотив на салфетката под шолјичката чај од јасмин, по кој исто така е препознатлив овој град.
Да се посети Ченгду, а да не се обиколи светски познатиот Истражувачки центар и резерват за размножување на пандите, се чинеше неприфатливо и покрај високите јулски температури и високата влажност на воздухот. Ни беше кажано дека во овој период од годината вистинска среќа е во резерватот да видите панда, иако ги има над двесте, затоа што тие вообичаено се кријат од сонцето. Сепак, едногласно беше прифатено да се тргне кон Центарот во раните утрински часови, со надеж дека сепак ќе имаме таква среќа. Така и беше. Успеваме да видиме, не една, туку повеќе примероци на видот, па дури и некои во движење како грицкаат бамбусови прачки, пијат вода или се качуваат по дрвјата, инаку овие животни се познати по своето статично, мрзеливо однесување, најчесто спијат, лежат во сенка или се ладат покрај вода. Интересен податок е дека се хранат главно со бамбус, кој има малку хранливи материи, па јадат големи количества (често од 12 до 38 килограми дневно) за да добијат доволно енергија. Бидејќи не внесуваат многу калории, штедат енергија со долго одморање и спиење, околу 8-12 часа дневно, а остатокот од времето главно го поминуваат јадејќи бамбус.

Од шест спасени панди до популација од над двесте примероци

Резерватот дише со хармонија и спокојство. Тука можете да го видите ова мирољубиво и ретко животно, инаку официјален симбол на градот и нераскинливо поврзано со неговиот идентитет, во својот природен хабитат. И тоа можеби е најубавото чувство за оние што не се љубители на зоолошките градини, во кои се вбројувам и јас. Пандите не се затворени во кафези, туку слободно, иако контролирано, се движат во природни живеалишта, што е уште еден показател за посветеноста на Кина кон зачувување на биолошката разновидност.
Истражувачкиот центар во Ченгду има клучна улога во заштитата и размножувањето на овој загрозен вид. Со децении тука се спроведуваат научни истражувања, ветеринарна грижа и програми за размножување, кои придонесоа за зголемување на бројот на панди и подобрување на нивните шанси за опстанок во природата. Како еден од водечките светски центри за заштита, размножување и научно проучување на џиновската панда, тука работат ветеринари, биолози и научници што развиваат програми за зачувување на видот, следење на нивното здравје и подготовка на дел од животните за враќање во природните живеалишта. Благодарение на овие напори, популацијата на пандите во последните децении значително се зголеми и стана еден од најуспешните примери за заштита на загрозени животински видови.


Основан во 1987 година, Центарот почнува да работи со само шест спасени диви панди, за денес да прерасне во современа научноистражувачка институција и дом на повеќе од двесте џиновски панди и ретки црвени панди. Благодарение на долгогодишната работа на биолози, ветеринари и истражувачи, значително е зголемен бројот на успешно одгледани панди, што претставува голем придонес во зачувувањето на овој редок вид.
Резерватот се простира на голема површина, уредена така што максимално го имитира природното живеалиште на пандите. Густите бамбусови шуми, зелените паркови, езерцата и мирната околина создаваат идеални услови за животните. Посебна атракција е одделот за младенчиња, каде што посетителите имаат можност да ги видат малите панди во првите месеци од нивниот живот. Токму овој дел од Центарот привлекува илјадници туристи секој ден, особено во периодот кога се раѓаат новите младенчиња. Посетителите седат во аудиториум како во театар, трпеливо чекајќи некое од младенчињата да се придвижи. Секое несмасно движење на овие животни се дочекува со одушевување, па дури и аплауз од публиката.
Во рамките на комплексот функционира и музеј посветен на еволуцијата и биологијата на пандите, како и едукативни центри каде што ученици, студенти и туристи можат да научат повеќе за значењето на биолошката разновидност и заштитата на природата. Преку интерактивни изложби, документарни филмови и научни презентации, посетителите се запознаваат со предизвиците со кои се соочуваат пандите и напорите за нивно зачувување.
Денес овој резерват е една од најпосетуваните туристички атракции во Кина, која годишно ја посетуваат милиони луѓе од целиот свет. За многумина, токму посетата на овој центар е највпечатливиот дел од патувањето во Сечуан. Благодарение на континуираните научни истражувања, меѓународната соработка и вложувањата во заштитата на природата, џиновската панда денес е успешен пример дека со посветеност и долгорочна стратегија може да се спречи исчезнувањето на еден од најретките животински видови на планетата.

Ликот на џиновската панда се наоѓа речиси на секое ќоше низ Ченгду / Фото: „Нова Македонија“

Размножувањето на пандите е особено сложен процес

Џиновската панда со децении беше еден од најзагрозените цицачи во светот. Поради уништувањето и фрагментацијата на бамбусовите шуми, ниската стапка на размножување и ограниченото природно распространување, бројот на панди во дивината во текот на 20 век драстично се намали. Ова ја поттикна Кина да започне една од најамбициозните програми за заштита на диви животни во светот.
Денес, благодарение на долгогодишните напори на кинеските институции, научните центри и меѓународните организации, популацијата на џиновската панда бележи значително закрепнување. Според најновите национални процени, во природата живеат околу 1.900 џиновски панди, распоредени главно во планинските области на провинциите Сечуан, Шенси и Гансу. Покрај нив, повеќе од 700 панди живеат во центри за размножување, зоолошки градини и истражувачки институции во Кина.
Овој напредок е резултат на повеќедецениски вложувања во заштитата на природните живеалишта. Кина воспостави широка мрежа на природни резервати и национални паркови, во кои се зачувуваат бамбусовите шуми – основниот извор на храна за пандите. Истовремено, се градат еколошки коридори што ги поврзуваат изолираните живеалишта, овозможувајќи им на животните полесно да се движат и да се размножуваат.
Особено значајна улога имаат центрите за одгледување, како овој во Ченгду, кој преку програми за размножување ја одржува генетската разновидност на популацијата. Секое новородено младенче е вистинска радост и претставува важен придонес кон долгорочното зачувување на видот, затоа што размножувањето на пандите е особено сложен процес. Женките се плодни само неколку дена во годината, а бременоста и одгледувањето на младенчињата бараат постојан надзор. Новородените панди тежат само 100-200 грама, се раѓаат слепи и целосно зависат од мајката. Поради тоа, научниците користат современи ветеринарни и репродуктивни методи за да ја зголемат успешноста на размножувањето, притоа водејќи сметка за благосостојбата на животните.
Во 2016 година е променет статусот на џиновската панда од „загрозен вид“ во „ранлив вид“, што е признание за значителното закрепнување на популацијата. Сепак, експертите предупредуваат дека пандите и понатаму се соочуваат со сериозни закани, особено поради климатските промени, кои можат да влијаат врз распространетоста на бамбусовите шуми и нивните природни живеалишта.

Весна Дамчевска