- Пијанистот Mихаил Јагуриноски (22) е ново име во македонската класична музика. Роден е во Прилеп, каде го завршил основното образование и основното музичко училиште, а средното музичко образование го оформил во Државно музичко училиште во Битола. Сега е студент на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје, во класата на проф. м-р Дино Имери. Иако млад и уште студент, благодарение на својот талент, но и на љубовта и посветеноста го завреднува вниманието на македонската музичка јавност. Летово пак, освен во Македонија, концертираше и во Италија. Успешните настапи беа повод за разговор со него
Како дојде до идејата за реализација на концерти во Италија и до соработка со твојата колешка Искра Атанасова – Митуш?
-Идејата за концертите во Италија, а и за сите наши заеднички настапи воопшто, произлезе од самата соработка со Искра, со која сме пар и бидејќи и двајцата сме пијанисти кои изведуваат класична музика, решивме да пробаме да соработуваме заедно и увидовме дека функционираме одлично и на професионален план. Свириме како дуо од 2025 година. Во однос на концертите во Италија, Искра ме поврза со Анџело Филипо Јанони Себастијанини, организаторот на меѓународниот фестивал „Кончерти дел Темпието“ (Concerti del Tempietto) и во склоп на тој фестивал настапивме и со солистички полурецитал и со камерен концерт заедно со Искра.

Какви искуства носите од овие настапи во Рим?
– Шетајќи по улиците во Рим дишевме уметност. Катедралите, статуите, фонтаните, музеите, воопшто архитектурата и секако храната, која беше извонредна, предизвикуваат возвишено чувство кое не може да се долови со зборови, треба да се искуси. Многу сме задоволни и од нашата соработка со Анџело и целата организација зад фестивалот. Публиката покажа особено внимание и поддршка и за мене и за Искра. Благодарни сме за сите тие нови познанства и искуства кои не градат како луѓе и не мотивираат и инспирираат како млади уметници.
Но, летово имавте и успешни настапи во Охрид и во Прилеп. Какви ви се впечатоците?
– Секогаш е убаво да се биде дома. Во Прилеп почнувајќи од првиот солистички концерт во 2018 година како дел од „Прилепско културно лето”, свирам во истата сала, на истиот клавир. Секој настап дома нуди одреден комфор заради тоа што го познавам просторот во кој настапувам. Секако, беше ново искуство да настапам заедно со Искра и можам да кажам дека уживавме во секој момент. Во Охрид пак, за мене беше ново. Прв пат настапив во, за мене, најубавиот град во Македонија. Одржав солистички концерт и камерен концерт (со Искра) во ООМУ „Методи Патче“. Покрај самиот простор и инструментот, за прв пат имав солистички концерт, кој беше поддржан од Министерството за култура и туризам, а камерниот концерт пак беше поддржан од Општина Охрид. Благодарен сум и до тимот во ООМУ „Методи Патче“, до Министерство за култура и туризам и до Општина Охрид за прекрасната соработка, а и до публиката која ни` даде мотив и поддршка на сите концерти. Можам да кажам дека и јас и Искра бевме многу задоволни од настапите.
Минатата година премиерно изведовте дела на исто така младиот композитор Бојан Димитровски на 48. Денови на Македонската музика во Скопје. За какви дела станува збор, какво е вашето искуство и како дојде до соработката?
– Со Бојан се познаваме неколку години, уште од средношколските денови поминати во Државното музичко училиште во Битола, а колеги сме и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Бојан ме побара да ги изведам неговите дела „Морнинг дев“(Morning Dew) и „Обсесив“ (Obsessive) премиерно како дел од концертот „Подиум на млади” при фестивалот „Денови на македонската музика” и секако се согласив. Беше прекрасно искуство, мило ми е што можев да изведам нови дела од класичната музика чиј творец е мој колега, а и секако да бидам дел од фестивалот „Денови на македонската музика”.

Што мислите колку е афирмирана и изведувана македонската класична музика?
– Недоволно. Тргајќи од првата генерација на македонски композитори, па до ден денес има многу квалитетни композиции од квалитетни композитори како Атанас Бадев, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Кирил Македонски, Властимир Николовски, Тома Прошев, Александар Џамбазов, Томислав Зографски, Кире Костов, Дамир Имери, Дијана Илкоска Имери… Сите овие композитори имаат оставено богатство од уметничка гледна точка на овие простори. Нивните дела треба почесто да се изведуваат и на концерти, но и во склоп на фестивали и манифестации од секаков вид, да се направат документарци и телевизиски програми посветени на класичната музика на овие простори, да се пишуваат статии, текстови во списанија… Само така ќе станат познати за сите и ќе се афирмира богатството на македонската класична музика.
Иако сте многу млад, имате искуство и како професор. Колку педагогијата е предизвик за вас и дали во иднина се гледате повеќе како изведувач или како едукатор?
– Почнав со работа како професор во 2025 година. Тоа беше еден целосно нов свет за мене. За прв пат седнав од другата страна на катедрата. Прекрасно искуство е да му се биде сопатник на некој во музичките води и благодарен сум за секој час што сум го одржал со сите мои ученици. Тоа ме унапредува и како изведувач, бидејќи со тоа што предавам, но и со прашањата од учениците се преиспитувам себеси и добивам и некои нови прашања и погледи врз нештата. Благословен сум и благодарен што можам паралелно да се занимавам и со изведувачка и со педагошка дејност, бидејќи тоа се само различни погледи кои гледаат во истото – музиката.
Какво е вашето поимање за музиката?
– Музиката, како и сите други уметности, е феномен. Група на организирани звуци предизвикуваат длабоки емоции, наобразба за внатрешниот свет на секоја личност, а и за надворешниот свет. Мојот професор, Дино Имери, еднаш ми рече: „Музиката ги содржи тајните на вистинската радост и животна смисла.” Благословен сум и благодарен што Бог ме насочува кон музиката и што така ги реди коцките за да можам да бидам дел од уметноста.
Размислувате ли за изнаоѓање начин за поголемо доближување на класичната музика на вашите генерации и на младите воопшто. Има ли начин и на кој начин вие тоа го правите?
– Секако дека има. Начините кои ги застапувам јас се, од една страна, со изведувачка дејност, преку изведбата на класичната музика, таа одекнува во секоја индивидуа во публиката и така се доближуваат и до младите генерации, а и од педагошка гледна точка, помагањето при наобразбата и изучувањето на свирење на клавирот преку класична музика.
Кои се ваши идни активности и ангажмани?
– Во текот на следната учебна година, ќе подготвувам обемна програма за дипломскиот испит. Фокусот ми е таму. Има и одредени соработки кои се во фаза на преговори. Но, добредојдени се сите нови и неочекувани соработки и настапи. Главно, сакам да продолжам да бидам дел од музиката.
































