Ретрокино

  • Кога денес се зборува за најдобрите филмови на сите времиња, „12 гневни луѓе“ сосема заслужено се наоѓа во самиот врв. Филмот беше
    номиниран за три „Оскари“ – за најдобар филм, режија и адаптирано сценарио – но не освои ниту една статуетка. Времето, сепак, му ја даде онаа најголемата награда, која ниеден фестивал не може да ја додели. Тоа е наградата за вечност. Денес филмот е дел од највисоко рангираните остварувања во историјата на кинематографијата

Постојат филмови на кои им се потребни огромни буџети, спектакуларни сетови, стотици статисти, компјутерски генерирани светови и најсовремена технологија за да го задржат вниманието на гледачот. А постојат и такви што покажуваат дека за добар филм, всушност, не е потребно ништо од тоа. Филмот „12 гневни луѓе“ („12 Angry Men“) на Сидни Лумет е еден од најдобрите примери за тоа. Сниман во 1957 година, во црно-бела техника и речиси целосно сместен во една единствена просторија, филмот со дванаесет луѓе што разговараат, се расправаат и се обидуваат да донесат одлука успева да создаде напнатост каква што многу современи филмови не успеваат да постигнат ниту со милионски буџети.
Кога денес се зборува за најдобрите филмови на сите времиња, „12 гневни луѓе“ сосема заслужено се наоѓа во самиот врв. Филмот беше номиниран за три „Оскари“ – за најдобар филм, режија и адаптирано сценарио – но не освои ниту една статуетка. Времето, сепак, му ја даде онаа најголемата награда, која ниеден фестивал не може да ја додели. Тоа е наградата за вечност. Денес филмот е дел од највисоко рангираните остварувања во историјата на кинематографијата, а неговата актуелна позиција во самиот врв на ИМДб топ 250 е само уште една потврда за неговата долговечност.
Она што е фасцинантно е што Лумет практично нема со што да го „залажува“ гледачот. Нема промена на локации, нема спектакуларни сцени, нема визуелни ефекти и нема големи акциски моменти. Има само една просторија, една маса и дванаесет поротници. Сепак, уште поубаво е што во текот на филмот никогаш не добиваме чувство дека гледаме нешто ограничено. Напротив, како што приказната напредува, просторијата станува сè помала, воздухот потежок, а конфликтите сè поинтензивни. Лумет од нешто што на хартија би можело да изгледа како театарска претстава создава вистински филм, со одличен ритам и со камера што постојано ја менува перспективата на просторот.
Приказната започнува со случај што на прв поглед изгледа дека е речиси решен. Млад човек е обвинет дека го убил својот татко, доказите се чинат убедливи, сведоците се тука и единаесет од дванаесетте поротници без многу размислување гласаат дека е виновен. Само поротникот број 8, во извонредната интерпретација на Хенри Фонда, гласа спротивно. Интересно е што тој воопшто не тврди дека момчето е невино. Тој само смета дека пред да донесат одлука со која можат да му го одземат животот, би требало уште еднаш да ги разгледаат доказите.
Од тој момент започнува една од најдобрите сценаристички конструкции во американската кинематографија. Случајот постепено се отвора пред нас и секој доказ што на почетокот изгледал како непобитен почнува да покажува одредена слабост. Поротниците повторно го разгледуваат сведочењето, времето потребно за да се стигне од едно место до друго, оружјето, начинот на кој настанало злосторството и можноста сведоците да не го виделе или слушнале она што тврдат дека го виделе и слушнале. Најважно од сè е што сценариото не се потпира на некаков спектакуларен доказ што одеднаш ќе го реши случајот. Секоја промена во мислењето е резултат на разговор, логика и преиспитување.

Токму тука е и најголемата сила на сценариото на Реџиналд Роуз. Филмот не ни сервира едноставна приказна во која еден паметен човек ги убедува глупавите. Секој од поротниците има своја причина поради која размислува така како што размислува, а како што дискусијата напредува, станува јасно дека нивните ставови не се секогаш изградени врз фактите. Некои се нервозни затоа што сакаат што побрзо да си заминат, други се водени од лични фрустрации, трети имаат предрасуди кон обвинетиот поради неговото потекло и социјалниот статус, а кај некои личниот живот се меша со нивното гледање на случајот. На тој начин судницата, иако физички е далеку од просторијата во која се наоѓаат, всушност е присутна во секоја секунда од разговорот.
Хенри Фонда е центарот околу кој се врти целиот филм. Неговиот поротник број 8 не е типичен филмски херој, кој доаѓа со готово решение. Тој е човек што одбива да донесе пресуда пред да се увери дека навистина ги разгледале сите можности. Фонда е одличен токму поради тоа што неговата игра е воздржана. Наспроти него стои Ли Џеј Коб, кој како поротникот број 3 носи огромен гнев и фрустрација, а неговата постепена промена е еден од најдобрите актерски моменти во филмот. Мартин Балсам, Е. Г. Маршал, Џек Клугман, Ед Бегли, Џек Ворден и другите членови на ансамблот ја дополнуваат оваа извонредна актерска екипа, во која практично нема неважен лик.
И токму тоа е една од причините поради кои „12 гневни луѓе“ функционира толку добро. Иако гледаме дванаесет луѓе во една соба, тие никогаш не се претвораат во безлична група. Секој има свој карактер, начин на зборување и свој став. Поротниците не се само делови од сценариото што треба да го кажат следниот аргумент, туку вистински личности што постепено се откриваат преку начинот на кој се однесуваат во конфликтот. Како што се зголемува притисокот, така сè повеќе излегуваат на површина нивните карактерни слабости.
Режијата на Лумет е уште една причина поради која филмот не изгледа како снимена театарска претстава. Иако најголемиот дел од дејството се одвива на едно место, камерата постојано работи. Просторот првично е прикажан пошироко, но како што расте напнатоста, кадрите стануваат поблиски, лицата сè почесто го исполнуваат кадарот, а просторијата почнува да изгледа сè потесно. Црно-белата фотографија на Борис Кауфман дополнително ја нагласува атмосферата и му дава на филмот сериозен, реалистичен изглед. Особено се впечатливи сцените во кои дождот надвор ја менува атмосферата внатре, додека поротниците се сè повеќе заробени во сопствените несогласувања.

Музиката на Кенион Хопкинс е исто така внимателно употребена и никогаш не се наметнува над приказната. Филмот не се обидува со музика да ни објаснува што треба да чувствуваме. Напнатоста ја создаваат актерите, дијалогот, погледите и паузите. Затоа и тишината понекогаш е еднакво значајна како зборовите. Продукцијата од денешна перспектива е скромна, но токму тоа е и една од најголемите вредности на филмот. Лумет успева ограничувањето да го претвори во предност и од една просторија создава место во кое секој агол има драматуршка функција.
Ако „12 гневни луѓе“ е ремек-дело, тогаш тоа е пред сè поради приказната и актерите. Сè друго е ставено во нивна служба. Филмот нема потреба да ни го покажува убиството, нема потреба од долги флешбекови и нема потреба да го напушта просторот за да создаде чувство дека гледаме голема приказна. Напротив, со секоја нова расправија случајот станува поголем, а дванаесетте луѓе стануваат поважни. На крајот, она што започнало како речиси готова пресуда се превртува целосно наопаку, а гледачот сфаќа дека можеби најголемиот проблем никогаш не бил во недостигот од докази, туку во тоа колку лесно луѓето се убедуваат дека веќе ја знаат вистината.
А „12 гневни луѓе“ воедно е и филмот со кој Сидни Лумет го започнува своето извонредно режисерско патување. Подоцна ќе ги сними „Серпико“ („Serpico“), „Кучешко попладне“ („Dog Day Afternoon“), „Мрежа“ („Network“), „Убиство во Ориент експрес“ („Murder on the Orient Express“), „Пресудата“ („The Verdict“), „Принцот на градот“ („Prince of the City“), „Трчање во празно“ („Running on Empty“) и уште многу други значајни филмови. Во текот на својата кариера режира повеќе од 40 играни филма, а особено е впечатливо што во голем дел од нив повторно се занимава со луѓе ставени под силен притисок, со корумпирани системи, морални дилеми и одлуки што можат да го променат животот. Лумет е режисер што знаел да создаде напнатост без да ја форсира, а неговиот интерес секогаш бил насочен кон човекот и неговата реакција кога ќе се најде во тешка ситуација.

Можеби токму затоа „12 гневни луѓе“ и денес изгледа толку свежо. Во време кога филмската индустрија располага со технологии за создавање практично сè што може да се замисли, овој филм нè потсетува дека технологијата никогаш не била суштината на филмот. Филмот „12 гневни луѓе“ е еден од оние ретки филмови што покажуваат дека минимализмот може да биде исто толку спектакуларен како и најскапата продукција. Можеби најсличен пример на „12 гневни луѓе“ од современата кинематографија и филм што ја користи минималистичката филозофија на овој филм е филмот „Догвил“ („Dogville“) на Ларс фон Трир, кој со речиси празна сцена и минимални декори успева да создаде цел свет. Разликата е што кај Лумет ни се потребни само една просторија, една маса и дванаесет актери.
И тоа е доволно. Доволно е затоа што приказната е силна, дијалозите се извонредни, актерите се фантастични, а режијата знае како да го задржи вниманието. Филмот „12 гневни луѓе“ не мора да ни покажува илјадници нешта за да нè заинтересира. Тој само ни дозволува да слушаме како дванаесет луѓе постепено го менуваат своето мислење, а од таа едноставна ситуација создава филм што повеќе од шест децении подоцна сè уште стои рамо до рамо со најголемите во историјата на седмата уметност.
Во тоа, можеби, е и неговата најголема победа. Не во тоа што изгледа големо, туку во тоа што од нешто толку мало успева да направи нешто толку значајно.