Моралната вертикала на човечкото суштество ја создава одговорноста, односно способноста на човекот да ги разбере, да ги оправда или да ги осуди сопствените или постапките на другите луѓе. Одговорноста зазема централно место и кога се дефинира човековата свесност, бидејќи се смета дека суштество што не може свесно и разумно да ги согледа последиците од своите постапки не може за нив ни да одговара. Токму затоа во правниот систем е предвидена кривична неодговорност или намалена одговорност за кривични дела сторени во состојба на стеснета свесност.
Во колоквијалниот говор поединците често знаат да ја лоцираат одговорноста за своите постапки во некое надворешно тежиште или да му ја припишат на друг. Одговорноста треба да се понесе и да се поднесе и затоа е најлесно кога човекот не се справува со последиците од своите дела, особено ако тие повлекуваат, во најблага варијанта, морална осуда.
Во многу научнофантастични сценарија, одлуките за некои свои животни случувања луѓето им ги препуштаат на машините, мислејќи дека, доколку директно не ја донеле одлуката, го симнуваат товарот на одговорноста од себе. Но тука се поставува круцијалното прашање: дали човекот, со тоа што ќе препушти некоја одлука наместо него да ја донесе алгоритам на ВИ, целосно ја укинува сопствената одговорност за последицата произлезена од таа одлука?
Впрочем, симплифицирано, прашањето би било: дали воопшто алгоритмите на ВИ можат да понесат одговорност за сопствените постапки и дали во иднина наместо правните застапници на компаниите како „ОпенАИ“ (OpenAI), во судовите ќе треба да гледаме како ботот на ВИ сам ја изнесува својата одбрана? Ќе има ли во иднина суд за одлуките што ги носи ВИ, доколку таа сè почесто почнува да го заменува човекот во носењето одлуки?
И на крајот, кој ќе биде судијата што ќе ги постави постулатите на правдата? Дали таа ќе биде правда според човечки пропозиции или за ботовите на ВИ би требало да постои некој сосема нов концепт на правда? Ако тие онтолошки се разликуваат од нас, дали таа различност ја потврдуваме токму во моментот кога велиме дека одлуката не сме ја донеле ние, туку сме биле насочени од судот на ВИ?
Ова сценарио веќе добива своја реализација, бидејќи судски постапки се поведуваат против операторите на ВИ поради погрешни медицински и други високоризични совети со сериозни последици. Но на обвинителната клупа сè уште седат луѓето, како дел од рудиментираното уверување дека човекот е ексклузивен носител на одлуките и одговорноста.
Но доколку продолжи епидемијата на препуштање на одлуките што наместо нас треба да ги донесува машината, ќе останеме ли со истото уверување дека само човекот е одговорно суштество и што ќе се случи ако тој ексклузивитет му се укине? Ако човекот не може да биде одговорен за своите постапки, тогаш се поставува прашањето дали воопшто може да биде слободен да носи самостојни одлуки и дали воопшто може да биде морален?
Еден од најпознатите романи на Милан Кундера го носи насловот „Неподносливата леснотија на постоењето“. Во него, Кундера го разгледува односот меѓу леснотијата и тежината на човечкото постоење. Ако човековиот живот се случува само еднаш, а неговите избори никогаш не можат да бидат повторени и проверени, тие добиваат своевидна леснотија. Но токму таа ослободеност од тежината на повторувањето може да стане неподнослива, бидејќи животот без тежина лесно може да изгледа и како живот без трајно значење.
Во контекст на одговорноста, оваа леснотија може да се разбере како состојба во која човекот привидно одлучува, но сè потешко ги носи сопствените одлуки и сè помалку е подготвен да преземе одговорност за нивните последици. Современиот човек постојано го користи наративот за своите права и слободи, но неретко ја избегнува тежината што произлегува од нив. Слободата тогаш престанува да биде морална способност за избор и станува обид изборот да се направи без неговите последици.
Но едно е сигурно, ниту една слобода не може да постои без одговорност, особено не во морален контекст. Човекот што не е способен да застане зад своите дела не може ниту да биде вистински слободен да ги прави своите избори. Заедничката одговорност лесно може да стане имагинарна категорија, кога одговорноста е сечија, на крајот може да се покаже дека не е ничија. Така, одговорноста не е само последица на слободата туку и нејзин предуслов, не само во граѓански туку пред сè во етички контекст.
Затоа, иднината на моралот нема да зависи само од тоа колку паметни ќе станат машините, туку и од тоа дали човекот ќе остане доволно храбар да одговара за нивните одлуки.
































