Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по речиси две години интензивна работа е обезбедена јасна финансиска и техничка рамка за изградбата на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, оценувајќи дека Коридорот 8 конечно прераснува во целосно функционален проект.

Пред потпишувањето на договорите за финансирање на делницата во Владата, Мицкоски рече дека проектот бил оптимизиран во однос на претходното решение, кое, како што посочи, предвидувало изградба на „половина тунел“ без гаранции дека Бугарија ќе го модернизира својот дел од железничката инфраструктура.

 – Денес имаме јасна заложба од двете држави за изградба на прекуграничниот тунел и за модернизација на железничката линија до Софија. Очекуваме тунелот да биде целосно финансиран со грант од Европската комисија – изјави премиерот.

Тој нагласи дека следната фаза ќе биде најголемиот инженерски предизвик – изградбата на повеќе од 22 километри железничка траса – но изрази уверување дека домашните градежни компании имаат капацитет да се вклучат во реализацијата на проектот.

Според Мицкоски, тендерската постапка треба да заврши до крајот на годинава, по што ќе започнат и градежните работи.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата за изгубени грант-средства, премиерот рече дека сегашното решение обезбедува целосно функционален проект кој ќе создава економска вредност.

 – Не градиме половина тунел што ќе завршува во слепа улица. Градиме целина што ќе ги поврзе двете држави и ќе донесе економски придобивки – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека источниот крак на Коридорот 8 бил најавуван повеќе од три децении и оцени дека актуелната Влада конечно ја затвора финансиската конструкција за негова реализација.

Премиерот информираше и дека во рамки на Реформската агенда е предвидено финансирање за модернизација и електрификација на железничката линија Скопје – Тетово – Јегуновце – Гостивар.

Во однос на западниот дел од Коридорот 8, кој треба да ги поврзе Гостивар, Кичево и границата со Албанија, Мицкоски рече дека проектот ќе се реализира внимателно, во согласност со препораките на УНЕСКО, со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство.