ВО СТРУГА СЕ ОДРЖА ПЕТТОТО ИЗДАНИЕ НА СПОРТСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА ВОДА „ИЛИНДЕН 2026“
- Oсобено внимание на овој спортски фестивал на вода во Струга привлече воведувањето на детските трки во пливање и веслање, кои добија силна поддршка и симпатии од публиката и испратија силна порака и мотивација за најмладите спортисти
Илинден нека продолжи да нѐ обединува преку спортот, заедништвото и позитивниот натпреварувачки дух, порача министерот за спорт Борко Ристовски, кој присуствуваше на спортскиот фестивал „Илинден 2026“, кој во неделата на националниот празник 2 Август се одржа во Струга. Тој им ги додели медалите на учесниците, кои со својата посветеност, спортски дух и ферплеј го одбележаа годинешното петто јубилејно издание на овој сѐ попопуларен спортски настан на вода.
Ристовски истакна дека спортскиот фестивал „Илинден“ претставува прекрасен пример како преку спортот се поврзуваат луѓето, се промовираат вистинските вредности и се создаваат нови генерации спортисти.
– Особено ме радува тоа што фестивалот годинава го одбележува својот мал јубилеј, односно пет години успешно ја негува спортската традиција и од локална иницијатива прерасна во препознатлив настан што обединува натпреварувачи, волонтери, семејства и љубители на спортот од целата држава. Иднината на македонскиот спорт се гради уште од најрана возраст, преку другарство, тимска работа, почит и ферплеј – истакна министерот Ристовски, пренесе Министерството за спорт.
Натпреварите имаат свои пропозиции за учество, а дисциплините беа следни: пливање, кајак, СУП-штици и скок во вода – такла, кој беше реализиран од чаршискиот мост. Најдобрите натпреварувачи добија медали, а беа проследени од многубројната публика што беше присутна на овој спортскиот настан на вода, кој се одржа на кејот на реката Дрим.
Особено внимание на овој спортски фестивал на вода во Струга привлече воведувањето на детските трки во пливање и веслање, кои добија силна поддршка и симпатии од публиката и испратија силна порака и мотивација за најмладите спортисти. Министерот Ристовски им честиташе на организаторите за успешната организација и нивната посветеност фестивалот од година на година да расте и да привлекува сѐ поголем број учесници и посетители.
Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува ваквите спортски манифестации што придонесуваат за развојот на спортот, промоцијата на здравите животни навики и зајакнувањето на спортскиот дух и заедништвото меѓу граѓаните, информира Министерството за спорт. Г.И.































