Фејсбук работи на префрлање на своите административни одделенија од Ирска, со што ќе ја избегне опасноста да биде регулирана од страна на Европската унија.
Гигантскиот социјален медиум има околу две милијарди корисници, а од 2008 година има подружница во Ирска преку која административно се води значителен дел од продажбата на разните услуги што ги нуди компанијата, користејќи ги посебните даночни поволности што Република Ирска ги нуди за големи компании.
Но, ЕУ планира да воведе значителни казни за злоупотреба на новите, строги регулативи за заштита на личните податоци. Според Ројтерс, можно е Фејсбук да биде принуден да плати до 4 проценти од својата глобална заработувачка доколку ги прекрши правилата на ЕУ, што ќе значи трошоци од повеќе милијарди долари. Новите правила на ЕУ стапуваат на саила на 25 мај.
Бидејќи околу 1,5 милијарди корисници на Фејсбук се надвор од Европската Унија или Северна Америка, компанијата работи на тоа да ги администрира своите продажби кои немаат врска со Европската унија подалеку од Ирска или од било која друга членка на ЕУ.