Богојавленска Македонија (3)

Му нема крај на македонското Богојавление, драг читателу. Сега ние ќе го заокружиме нашиот триптихон на таа тема како некој вид Свето тројство на постоење во света болка, но и богојавленска радост од нашето постоење, ништено од оваа сурова цивилизација на страната кај заоѓа сонцето и се спушта мракот. Цивилизацијата што го наследи и целосно впи во себе варварскиот менталитет на нејзината близначка по тоа Римската цивилизација. Таа што сега го обнови со своите Нерони и Калигули од Брисел крвавиот колосеум на Римјаните во Преспа во Македонија за свое садистичко задоволство. Цивилизацијата, која сега цел еден богојавленски, богољубив и христолик народ го фрла во устата на своите омилени балкански ѕверови по канибалистички нарав кон нас целосно слични на неа. Цивилизацијата што, драг читателу, рака на срце има и многу гении во уметноста и науката, кои Бог ѝ ги дал за да ја упатат на прав пат, но таа се оглуши од нивниот повик за духовни и божествени вредности, глува како Ирод и фарисеите во Јудеа што не се одѕваа на гласот во пустината на Јован Крстител, кој викаше на сет глас до небото „Исправете го патот за Господ, тој доаѓа!“ Но тие не само што не го исправија патот за спасение туку му ја пресекоа главата на Светецот за танцот крвав на Саломе, која го одигра него на царската гозба во Ерусалим. А тоа, драг читателу, беше претслика за судбината и на Македонците. Тоа ним истото им се случи во Преспа 2018 од оваа иродовска цивилизација. Во Преспа тие ја отсекоа идентитетската златна глава на Македонците и со неа нивната модерна Саломе го одигра сега својот садистички и крвав танц на гибелта на богољубивиот народ во Брисел и Атина, а сега се подготвува таа да го одигра него и во Софија. Да. Но кон нас садистичката цивилизација, која, за жал, не успеа ни апостол Павле со Македонците да ја направи христолика, туку си остана со своите прекрасни катедрали во кои никогаш не влезе Бог, и демонолика никогаш не сфати дека смртта во која нè толчи таа е полна со електроните, па воскресението. Оти таа садистичка цивилизација никогаш не виде дека Македонците се богојавленски народ, божествено озарение присутно од првите до последните страници на Светото писмо испогането и осакатено од неа. Така и тоа, драг читателу, а ние пак одиме во стихуваното македонско Богојавление, чија струја во Македонците дотекува озарена од Светиот Дух што ги брани Правдата, Вистината, Љубовта и Слободата, елементите на есенцијата на човековото постоење во Бог и Божественото. Амин! Почнуваме:

* * *

„Богојавлание. Постоење. Оро. „И-и-и-их“ Песна. / Венчален прстен заветен за идните поколенија / што се множат како сребрена икра, тргнати на пат, / кои уште нестасани се веќе предци и прапредци, / легенда полна со свето мартирско злато. / И пак чука во оној екстатичен седумосмински ритам, / без одлив и само со прилив македонското срце. / Ритамот од кој се креваат венчалните ружи во јуни / полни со светлина на летното пладне / свадбарски според својата нарав. Ружите / што го подигаат за педа повисоко небото до лицето на Бог. / Богојавление. Небесна алелуја, / мартирска светлина за нимбусот на македонските херои-светци во олтарот на македонските цркви / во чие подножје долго дремеше смртта. / Богојавление оти е свлечена во заборав, / во најтемниот ќош на вселената оваа валкана / цивилизација по овој колеж во Преспа, / и во кое, како пресечената глава на Јован Крстител / и закланата глава на Македонците повторно застанува / на рамената на светнатото како откровение небо. / Оти насекаде грми, и ни еден атом од тварта, / ни еден жив створ, вклучително и растителниот светец не е / поштеден од химниската струја на Божественото. / И тоа е знак дека се спасени човекот и светот. / Дека се спасени во него и Македонците, дека го преживеале / колежот во Преспа во касапницата на суровата цивилизација, /сосе нивниот ороводен извик-крик „И-и-и-их“ / извикот екстаза од искони што е лек и преврска за нивната рана, / близнак на оној ОМ на Индусите длабоки, кој сè уште ги шири / небесните сфери и ги отвора како откровение латиците / на лотосот крај Ганг, ама го отвора и ситното кристално цвеќе / на падините над изворот во Негрево, кое и така / ситно ги исфрла како ракета македонските свадбарски / крик и срце во бескрајот на вечноста, крикот што вели / по секоја гибел: „Не е од прав и не се враќа во прав човекот.“ / Крикот што го обликува во параболи / и синот Божји кога слезе меѓу нас непрокопсани, / како опозиција на Отецот што се покаја за грешката во Едем, / казната на Адам и Ева, кога еросот на животот / го вглоби во еросот на смртта. Грешката за која / мораше да мине како искушение за тоа од Гетсеманија / до Голгота Исус ни крив ни должен, полн со она / благословено проклетство со име Љубов. Тоа што не го прифатија како блаженство варварите од Запад, / иако им го понудија како причесно вино / Павле и Лидија од Македонија, туку наместо него / го прифатија блаженството на злото од почеток / залегнато во нивната душа во која толку многу се вљуби, како што знаеме, и Мефистофел. / И со мечот на тоа зло дојдоа и во Преспа и го извршија / тој страшен колеж над народот за кој Павле рече дека е / од почетокот роден за спасение на светот.

„Така. Ама сега по тој колеж на прагот на човештвото / стапнал Новиот ден. / Оти е свртен кругот на Вечното враќање / што беше задреман во Ведите и Хилдеја. / Оти е сега Богојавление и свети како пурпурот на залезите / над Негрево и како златото венчално под ридовите / во кои залегнало тоа, лузната на вратот од Јагнето Небесно / што било заклано некогаш. Свети како неа, / како откровение за спас на светот и раната на Македонците / по колежот во Преспа, оти тие се сега постоење во епицентарот на постоењето во срцето на Бог. / Богојавление. Пурпурна воскресенска труба на ангелите, / преполна со сјајот на Првата зора / што го огреа гревот невин на Адам и Ева / во кој тие изградија дом и црква и му се поклонија на Отецот / кој ги избрка од Едем. Тие кои, како и македонските комити / и војводи подоцна скокнаа без страв, / како Емпедокле во кратерот на Етна, во бездната / со име Апсолутна слобода. И не е веќе голо стрниште, полно со чавки и со гарвани срцето на човекот, / туку е плодна богојавленска нива што раѓа / сончево жито и за трпезата на небо горе.
И натрупани се да крстини златни сноповите тешки од род. / И големо ѕвоно е, како пладнето на, летото / полно со инсекти што го влечат хаосот по себе, / бескрајот космички во кој одѕвонува Алелуја. / Звукот од кој се крева пурпурното ластовичино јато на Бог / над испустените македонски села, кренати од смрт / во живот, во постоење што е екстаза, песна, оро завртено / со шамивчето на огнена елипса на она бескрајно, / повечно од вечноста „И-и-и-их!“ Крикот екстаза / на Македонците што не успеаја да ги фатат за врат / и да ги задават мајсторите на смртта во Преспа. / Не успеаја оти е Богојавление тој извор што блика / со вода и оган, венчани како Огнена вода, / вечно пијанство, боемија на постоењето. / И повторно пеат славеите во пресеченото грло / на Поетот на Белите мугри на Лопушник / што ги поздравува апостол Павле со Радосната вест.
Така. И еве го кај свети Името огнено, огниште свето околу кое се навртени / со столетија, од Ное и Јафет до денес, нашите / предци и прапредци, тие што заминале, / ама и тие што доаѓаат како порој, како планински поток од иднината, / сè уште неродени, сè уште само зачнати / во бакнежот не љубовниците и во утробата благословена / на македонските невести со која можеби / (колку се далечни бреговите на метафората) се послужила и Марија од Назарет за да го роди Исус. / Исус што ги препозна Македонија и Македонците, / новиот избран народ кој нема да го распне, туку / ќе го слави него и ќе биде светлина во расипаниот свет, / како што кажа во Солун и Филипи Павле, / испратен од него лично кај Столченото племе / за да го охрабри и да им ги извиди раните. / Павле кој со Македонецот подмишка од Троада стаса / и во домот на Лидија, првата Христова Невеста-црква, / Црква-родилка, со женски знак, како Марија на Јосиф / Марија поголема од небото. Бескрајна / во Откровението на Јован, прогонувана од ѕверот / како претслика на Македонија денес во челуста / на балканскиот и западниот ѕвер. Македонија на која / Лидија ѝ втисна печат па вечната анима, / на златото на Богородица со кое се збогатија / и македонските невести, тие што ги родија хероите / и што им го навезоа со срмен конец знамето „Смрт или слобода“. Две супстанции / на феноменот Живот, екстатичен по природа. / Хероите, кои и пред да се родат, зачнати од нагонот на Љубовта и вистината, ја носат во битието / шифрата на Исус, математичката равенка / за победа со смрт на смртта.

И тоа е тоа што можеме / да го именуваме како Големата афирмација, / првоначалната бразда на Бог со име Пра / во која беше фрлено семето што е претслика на хероите, / полно со небесен оган и со живот на Светиот Дух. / Семето благословено од кое се меле хиерогамиско брашно / за венчавка и свадба и за новата Тајна вечера, / ама сега без Голгота и без распетие.
Така, а светската ноќ, легната во дланките на вечноста, / трае ли трае. Како огромна карпа го налегнала таа / срцето на човекот. Ама, глеј, во неа како оживеани давеници / испловуваат на површина повторно оние / сребрени вирови полни со магнетни атоми / на бурата што ќе ја запали сијалицата на сонцето. / Да. И гледам и препознавам, пак се тоа Белите мугри на Поетот / белиот сингуларитет што ќе ја вцица / во себе и исфрли од другата страна на вечноста светската ноќ. / На нејзино место ја доведе / Новата зора пред прагот на човештвото изѕемнато / и сотрено од лакомата цивилизација од запад. / Сингуларитет божествено привлечен и опасен, / кој со темницата што го завила светот ќе го вцица / во себе и простор-времето и ќе го вдоми храмовно / во само една точка, во само еден атом, / па и во само еден квант одвај видлив дури и за микроскопот / на Бор и Хајзенберг, / Белите мугри на поетот на Столченото племе / на кого му ги заклаа славеите во грлото на Лопушник. / Ох, бескрајно тажна претслика на идентитетскиот колеж / на неговото племе врз чија глава се спушти / гилотината на Вавилонската блудница со кал до гуша.
И гори македонскиот оган неуништлив / во бакнежот на љубовниците / и оди дионизиски пијан од свадба на свадба сал, /првосват меѓу сватовите, ама и девер на невестата, / прв ороводец и песнопоец што легнува во легендите / полни со плодна икра и венчално злато, / и во преданијата здиплени како свила во долги хексаметри, како тажаленки искачени во химна / на Столченото племе што не престана и покрај сите трагедии да слави. И тоа е / и таква е таа огнена химна / крената како бедем наспроти судбината. Тој е и таков е тој оган што се објавува / низ Светиот Дух и низ хероите што го кренаа / транценденталното знаме „Смрт или слобода“. Нивен глас е тој и на Бог. Оти е феникс и крило на неговиот нагон за опстојба тој“.

* * *

Толку. Стасавме на крајот од нашиот триптихон за Богојавленска Македонија, драг читателу. Во него како што гледаш се мешаат и плетат како судбинска плетенка елегиското и химниското. Како што се гледа Столченото племе, Македонците, никако да го достолчи оваа сурова цивилизација. Никако, оти тоа секогаш на гибелта одговарало со песни, игра и оро, со свадба и нов пород што ќе ја продолжи борбата за опстојба под ѕвездите небесни. Ќе ја продолжи бидејќи преку далечните патишта на меморијата тој се сеќава на својата прагенеза, на блескавите епохи на својот народ, кој ѝ даде, имено, толку многу културно-цивилизациски дарови на оваа цивилизација што замислила не само физички, низ многуте до денес историски погроми, туку и идентитетски, мемориски да го ликвидира и со официјален цивилизациски документ на смртта. Тоа беше нејзиниот смртоносен Преспански договор. Преспа со својот прекрасен пејзаж и златни овоштарници, како едно парче од сликата на Рајот Македонија, создаден на земјата и благословен од Господ, но кој пријателите на сатаната сакаат од него да направат пекол. Тоа е нивната цивилизациска уметност. Оти додека ние од калта, како Рембрант и Дичо Зограф, знаеме да правиме злато, тие од злато знаат да прават само кал.

ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ

(крај)