Вандализам што има амбиција да прерасне во политичко насилство

  • Вандализмот врз културни простори не е само алатка туку логична последица. Тој е сигнал дека кампањата на одредена идеологија успева да произведе конкретни криминални акти на агресија, насочени кон културната меморија и идентитетот на заедниците. И токму затоа, овој настан мора да се чита не само како напад врз еден објект туку како појавен облик на поширок општествен агенс – отров, кој ја труе и разјадува општествената кохезија
  • Секој чин насочен против битисувањето на одредена традиција или народни обичаи не е само површен напад врз една заедница туку тоа е длабок удар врз самата идеја на Македонија како држава изградена врз темелите на слобода, толеранција и соживот. Во секој таков чин се крие обид да се поништат вредностите што ја обликувале нашата историја – од Крушевскиот манифест, преку АСНОМ, до современите уставни акти. Овие напади не се само физички оштетувања на објекти или симболи туку се провокации насочени кон колективната меморија и идентитетот. Тие сакаат да создадат впечаток дека културната различност е слабост, а не богатство. Но токму во различноста лежи силата на една нација што отсекогаш ги афирмираше еднаквоста и правото на секој човек и колектив да ги негуваат своите обичаи и традиции

Настанот со испишувањето графити врз просториите на КУД „Српски вез“ во Куманово беше јавно осуден. И со право. Тој треба да се нарече со вистинското име – криминал и криминално дело. А сторителите, фатени ин флагранти во вршењето на кривичното дело – криминалци и вандали. Но формата, обликот и карактерот на извршениот безобѕирен гол криминал имаат своја заднина. И таквите форми на криминал најчесто имаат свои инспиратори и поттикнувачи за сторителите. Затоа, ова не е изолиран чин што треба да нè изненади или да го третираме како случајна инцидентна криминална појава. Тој е само видливиот врв на една подолга и посистематска динамика што се одвива во македонското општество. Ако внимателно се анализира еден поширок временски период, станува јасно дека ваквите појави не се плод на индивидуални изблици на незадоволство, туку резултат на една постојана националшовинистичка кампања што се води од одредени групации. Со директни или индиректни изјави, со јавни настапи и со медиумски пораки, се поттикнуваше екстремен национализам, кој постепено ја труе јавната атмосфера, создавајќи клима на нетрпеливост и омраза. Тоа не е само реторика – тоа е стратегија на симболичка мобилизација, каде што секој збор, секоја порака и секој чин се користат за да се создаде чувство на поделба и непријателство. Во таква средина, вандализмот врз културни простори не е само алатка туку логична последица. Тој е сигнал дека кампањата на одредена идеологија успева да произведе конкретни криминални акти на агресија, насочени кон културната меморија и идентитетот на заедниците. И токму затоа, овој настан мора да се чита не само како напад врз еден објект туку како појавен облик на поширок општествен агенс – отров, кој ја труе и разјадува општествената кохезија.
Историјата на нашето мултиетничко општество навистина познава поединечни изливи на радикализам – спорадични акти на нетрпеливост што се појавувале во различни историски контексти, но секогаш останувале на маргините на јавниот живот. Денес, меѓутоа, гледаме обиди за нешто суштински поинакво. Тоа не е спонтано незадоволство, туку кампања што е внимателно планирана, инспирирана, поттикнувана и режирана од одредени опскурни центри со јасна цел – создавање меѓуетнички тензии и судири. Оваа кампања за операционализација на таа деструктивна идеологија не е хаотична, туку систематска. Таа се храни од политикантски интереси и од желбата на одредени групации да ја дестабилизираат државата преку создавање атмосфера на страв и недоверба. Секоја изјава и акт што поттикнуваат омраза, секој медиумски настап што шири поделби, секој симболички чин на понижување на културните објекти е дел од една поширока стратегија. Тоа е стратегија на дестабилизација, а не резултат на спонтано незадоволство. Наместо да се гледа како изолиран инцидент, мора да се препознае како дел од континуиран обид да се разниша општествената кохезија и да се поткопа слободарскиот дух што ја одликува Македонија уште од Илинден и АСНОМ – духот на заедништвото на сите ентитети што живеат на оваа територија за создавање државен ентитет што ќе го чувствуваат како свој.

Токму во вакви моменти мора да се потсетиме на суштината на македонското државно битисување. Таа суштина не е административна формула или политички компромис, туку слободарскиот дух – кој се проткајува низ целата наша историја и кој ја обликуваше идејата за Македонија како заедница на слободни луѓе. Тој дух е јасно забележлив уште во Крушевскиот манифест од 1903 година, каде што можеме да прочитаме: „Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода…“. Истата линија продолжува и во актите на Првото заседание на АСНОМ, каде што се поставија темелите на современата македонска државност. Таму е јасно нагласено дека македонштината како политичка и национална идеологија не е ексклузивистичка, туку напротив – се одликува со поттикнување соживот, толеранција и право на секој да ги негува сопствените обичаи и традиции. Оваа идеологија е уникатна во балканскиот контекст: додека другите национализми често се градени врз исклучување и доминација, македонштината се издигнува како визија за заедничко постоење. Таа е политичка и морална порака дека државата не е сопственост на една етничка група, туку дом на сите што живеат во неа.

Затоа, секој чин насочен против битисувањето на одредена традиција или народни обичаи не е само површен напад врз една заедница туку тоа е длабок удар врз самата идеја на Македонија како држава изградена врз темелите на слобода, толеранција и соживот. Во секој таков чин се крие обид да се поништат вредностите што ја обликувале нашата историја – од Крушевскиот манифест, преку АСНОМ, до современите уставни акти. Овие напади не се само физички оштетувања на објекти или симболи туку се провокации насочени кон колективната меморија и идентитетот. Тие сакаат да создадат впечаток дека културната различност е слабост, а не богатство. Но токму во различноста лежи силата на една нација што отсекогаш ги афирмираше еднаквоста и правото на секој човек и колективитет да ги негуваат своите обичаи и традиции. Затоа овие акти мора јавно и недвосмислено да се осудат, не само како криминални правни поведенија туку како антидржавни дејствија што ја поткопуваат суштината на нашето постоење. Оние што ги поттикнуваат не ѝ мислат добро на Македонија – тие се спротивставуваат на духот што ја создаде и ја одржува како држава на слободни луѓе.