Моника Матовска, лична планерка за патувања

Моника Матовска е лична планерка за патувања и пионерка во оваа професија во Македонија. Преку персонализиран пристап, насоки, совети и детално изработен план со препораки им помага на луѓето полесно и без непотребен стрес да ги испланираат своите патувања. Како што ни споделува таа, повеќе од една година Македонците имаат пристап до услуга што одамна е дел од туристичката култура во многу земји. Денес нашите луѓе можат да патуваат како што тоа одамна го прават патниците низ светот – на начин препознаен како попаметен, посигурен и целосно персонализиран. Во 2025 година го доби и признанието „Травел инфлуенсер авард – њу стар“.

На некој што никогаш не користел ваква услуга што би му објасниле за да сфати дека ова не е само планирање на патувањето туку и инвестиција во поквалитетно искуство?
– Со оглед на тоа што станува збор за нова услуга на македонскиот туристички пазар, свесна сум дека е потребно време луѓето да ја осознаат нејзината вредност. Природно е да реагираме со доза на претпазливост на нештата што не ни се докрај јасни. Скептицизмот е само дел од патот, затоа што сум уверена дека никој и ништо не може да спречи развој, а травел планингот несомнено е иднината во сферата на туризмот. Сите сомнежи исчезнуваат кога човекот ќе сфати дека травел планерот не е само личност што дава предлози за авионски билети и сместување. Вистинската вредност е во тоа што некој ќе ви помогне да ги искористите времето, буџетот и желбите на најдобар можен начин, без часови истражување и без страв дали сте ја донеле вистинската одлука. Токму затоа велам дека личниот травел планер не е трошок, туку инвестиција. Некој купува време, некој сигурност, некој експертиза, а најчесто луѓето добиваат комбинација од сите три.

Може ли да ни споделите искуство со задоволен клиент?
– Едно патување што посебно ми остана во сеќавање беше оваа пролет во Италија и Швајцарија. Клиентите уште на самиот почеток ми кажаа дека имаат една голема желба – да се возат и да го доживеат искуството „Бернина експрес“, една од најголемите туристички атракции во која возењето со воз со панорамски прозорци овозможува да си најблиску до пејзажите на Алпите. Мојата задача не беше само да направам да ја искусат таа атракција туку и секој друг момент од тоа патување да има своја вредност и приказна. Тоа ми беше појдовната точка, детално испланиран престој во Милано, Тирано и Сент Мориц, така што „Бернина експрес“ да биде врвот на патувањето, но не и единственото убаво искуство. Во текот на подготовката тие имаа целосна доверба во моите препораки. Поставуваа прашања, разговаравме за различни опции, а секоја одлука ја носевме со јасна причина. Тоа е нешто што секогаш го практикувам – клиентот не добива само препорака туку и објаснување зошто токму таа опција е најдобра за неговото патување. Пораката што ја добив од нив откако се вратија ми потврди дека целта е постигната – нивната најголема желба беше исполнета, но истовремено добија многу повеќе отколку што првично замислуваа.

Да замислиме две семејства со ист буџет, едното планира сè само, а другото ангажира личен планер на патување. Во што би била најголемата разлика во нивното искуство?
– На прв поглед можеби ќе помислиме дека разликата е во хотелот, летот или некоја подобра цена. Но моето искуство посочува една сосема друга разлика – во тоа дали семејството ќе ја избере вистинската дестинација за себе.
Неодамна работев со клиенти со кои веќе еднаш успешно соработував. Кога повторно ми се јавија, беа убедени дека сакаат класичен „ол инклузив“ летен одмор. Имавме дефиниран период, буџет и јасна идеја. Почнав да ги разгледувам опциите и им предложив неколку дестинации што одговараа на нивните првични барања. Но, бидејќи веќе ги познавав од претходното патување, сфатив дека нивниот стил на патување е поинаков. Тие не се луѓе што можат десет дена да останат само во хотел. Сакаат да истражуваат, да шетаат, да откриваат нови места и навечер да ја почувствуваат атмосферата на градот. Тогаш им предложив нешто сосема различно – комбинација од Палма де Мајорка и Ибица. На крајот ми признаа дека оваа комбинација многу повеќе им одговара. Улогата на личниот травел планер не е само да ја реализира првата идеја што ќе ја слушне од клиентот. Понекогаш најголемата вредност е во тоа да постави дополнителни прашања, да ја запознае личноста што патува и да препознае решение за кое клиентот можеби сè уште не размислувал.

Колку често ве ангажираат и какви желби најчесто имаат вашите клиенти?
– Клиентите се навистина различни. Имам семејства што сакаат целата логистика да биде испланирана за да можат само да уживаат во патувањето, парови што сакаат автентични искуства, соло-патници на кои им е важно да се чувствуваат сигурно, но и луѓе што патуваат поради работа или личен развој и имаат сосема поинакви потреби. Работев за клиентка од САД што за првпат доаѓаше во Европа. За неа не беше најважно само каде ќе престојува и што ќе посети. Имаше потреба од чувство на сигурност. Заедно чекор по чекор го изградивме патувањето низ Рим, Фиренца и Венеција. Разговаравме за практични детали, за начинот на функционирање во Европа и за работи што нам ни изгледаат како секојдневни, а за неа беа непознати. Од друга страна, имам клиенти што веќе вторпат ми го доверуваат планирањето на нивното патување. Прво работев на нивното патување за Холандија, а годинава повторно ми се јавија за летниот одмор во Шпанија. Денес веќе разговараме и за нивните идеи за следното патување. Нема поголем комплимент од тоа некој да ве одбере по вторпат и да знае дека повторно ќе создадете искуство што ќе ги надмине неговите очекувања. Повратните информации најчесто не се поврзани со тоа колку места посетиле, туку како се чувствувале додека патувале. Клиентите најчесто ми велат дека првпат одат на патување што толку го чувствуваат како свое!

Дали ви се случило клиент да побара нешто што на почетокот изгледало невозможно?
– Да, и токму таквите ситуации најмногу ме мотивираат. Една девојка исконтактира со мене откако речиси целосно се имаше откажано од летниот одмор во Палма де Мајорка. Самостојно барала авионски карти и сместување, но цените што ги пронашла биле далеку над нејзиниот буџет. Кога разговаравме, ѝ реков: Ајде прво темелно да провериме дали навистина нема решение.
Почнав со детално истражување различни комбинации на летови, сместување и периоди на патување и на крајот успеавме да најдеме опција што целосно се вклопуваше во буџетот без да се откажеме од желбите што ги имаше за тоа патување. Денес таа е на чекор до одморот од кој за малку ќе се откажеше.
Имам и клиентка што планира неколкумесечен престој во САД, но не како класично туристичко патување. За неа тој престој е важен чекор во кариерата и можност за професионално поврзување. Од претходното искуство знаела дека изборот на сместување може значително да влијае врз целиот престој, па овој пат одлучи мене да ми го довери истражувањето на пазарот. Додека јас ги анализирам опциите и барам решение што најдобро одговара на нејзините потреби, таа може да се посвети на подготовките за патувањето и на она што навистина е важно за нејзината кариера.
Овие ситуации уште еднаш ми потврдуваат дека понекогаш решението не е веднаш видливо. Потребни се време, истражување и многу внимание на деталите. А, токму тоа е суштината на мојата работа – кога клиентот ќе помисли дека нешто е невозможно, да се најде решение што неговиот проблем го решава од корен!