Подадена рака на хуманост
Одморалиштето „Михајлово“ на планината Кожув и годинава ги отвори вратите за поголема група деца од најпогодените воени подрачја од Украина. Тие ќе поминат десет дена далеку од војната и сите лоши случувања во нивната татковина. Целта на оваа инцијатива е да им се овозможат безгрижни денови, далеку од воените жаришта, исполнети со позитивни искуства и топло гостопримство.
За овој гест од украинската амбасада искажаа голема благодарност што по вторпат им се овозможува летување на деца од Украина во Македонија. Меѓу децата во „Михајлово“ има и такви што останале без родители, браќа и роднини во изминатите четири години. Нивните животни приказни се полни со семејни трагедии. Но тука, во одморалиштето, на падините на Кожув, самата природа и дружбите со овдешните деца значи многу за нив.
Исто така локалната самоуправа се погрижи секојдневно да се организираат спортски и културни активности за учениците, да ги носат во Кавадарци на градскиот плоштад, каде што е во текманифестацијата „Кавадаречко културно лето“, за да можат да ги проследат настаните, но и да посетуваат знаменитости од овој крај.
Десетгодишно момче од групата деца од Украина му подари на градоначалникот Митко Јанчев знаме и ознака од воената единица на својата мајка. Овој подарок има голема симболика и значење затоа што неговата мајка веќе четири години е на фронтот, бранејќи ја својата татковина, додека нејзиното дете расте со надеж дека повторно ќе ја прегрне. Со овој скромен, но исклучително значаен подарок, момчето ја изрази својата благодарност за можноста да престојува во Кавадарци. Тука, заедно со другите деца од најпогодените воени подрачја во Украина, тој мина незаборавни десет дена во одморалиштето „Михајлово“, исполнети со активности и дружба.
Постојат подароци што немаат материјална вредност, но носат приказни што засекогаш остануваат во сеќавања. Ми.М.
































