ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ДЕЛОВНИОТ КЛУБ ЗА ЖЕНИ МЕНАЏЕРИ
Жените се сè поприсутни на раководни позиции во македонските компании, но нивното искуство, знаење и влијание сè уште не се доволно поврзани и препознаени како значаен потенцијал на бизнис-заедницата. Токму од потребата за создавање професионален простор во кој жените лидери ќе разменуваат знаење, ќе воспоставуваат соработки и заеднички ќе отвораат важни економски и општествени прашања се развива „EWBC“ – Executive Women Business Club или Деловен клуб за жени менаџери, објаснува претседателката на клубот, Владанка Трајкоска.
Трајкоска зад себе има долгогодишно искуство во управувањето, претприемништвото и застапувањето на интересите на бизнис-заедницата. Таа е доктор по економски науки, управителка на „Раде Кончар – Сервис и поправки на електрични производи“, претседателка на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и претседателка на Управниот одбор на ОРМ.
Во интервјуто разговараме за причините поради кои на жените на раководни позиции им е потребна ваква професионална заедница, за луѓето што го градат EWBC и за амбицијата клубот да прерасне во релевантна платформа за знаење, деловна соработка и влијание.
Го водите „Раде Кончар“ во индустриски сектор кој традиционално се доживува како доминантно машки, а преку Организацијата на работодавачи сте директно вклучени и во економско-социјалниот дијалог. Кои искуства од вашиот професионален пат ви покажаа дека на жените на раководни позиции им е потребна професионална заедница како EWBC?
– Жените можат успешно да раководат со компании и во најсложените индустриски и деловни средини. Прашањето одамна не е дали имаат знаење, капацитет и подготвеност да преземат одговорност, туку дали имаат еднаков пристап до професионалните мрежи, информациите, можностите за соработка и местата на кои се носат одлуките. Кога сте на раководна позиција, особено во сектор во кој жените се помалку застапени, често немате доволно простор отворено да разговарате за предизвиците со кои се соочувате. Од вас се очекува да имате готови одговори, а многу поретко се зборува за значењето на професионалната средина во која може да се разменат искуства, да се слушне различно мислење и да се побара совет од луѓе што носат слична одговорност. Токму тука ја гледам вредноста на EWBC. Клубот не треба да биде место за формално вмрежување или за повремени средби без јасна цел. Нашата определба е секоја активност да создава конкретна вредност за членките – ново знаење, релевантен професионален контакт, можност за соработка или решение за реален деловен предизвик. Затоа успехот на EWBC нема да го мериме само според бројот на организирани настани, туку според резултатите што ќе произлезат од нив. Сакаме да создадеме заедница во која жените што управуваат со компании, тимови и процеси ќе можат да учат една од друга, да развиваат конкретни соработки и заеднички да отвораат прашања што се важни за бизнисот и општеството. Нашата цел не е да создаваме паралелен женски бизнис-свет, туку да придонесеме жените порамноправно и повидливо да учествуваат во постојниот – таму каде што се носат деловните и економските одлуки.

Во јавноста веќе постојат различни иницијативи посветени на женското претприемништво и лидерство. По што EWBC се разликува од нив и дали на жените им нуди нешто што тешко би можеле да го постигнат самостојно?
– Не сметам дека EWBC треба да се поставува како конкуренција на другите женски организации и иницијативи. Напротив, колку повеќе квалитетни платформи постојат, толку се поголеми можностите различни групи жени да ја добијат поддршката што им е потребна. Нашата определба е да изградиме препознатлив профил и јасно да покажеме каква практична вредност создаваме. EWBC е насочен кон жени што веќе носат значителна професионална одговорност – сопственички на компании, извршни директорки, членки на управни одбори, менаџерки, претприемачки и професионалки што раководат со тимови и процеси. Но клубот треба да отвора простор и за следната генерација жени лидери, кои имаат потенцијал и амбиција, но им се потребни знаење, професионални контакти и поддршка за следниот чекор во кариерата. Покрај поврзувањето на докажаните жени лидери, сакаме да создадеме средина во која идните лидерки ќе имаат пристап до релевантно искуство и доверлива професионална поддршка. Тоа подразбира разговори со жени што веќе се соочиле со слични деловни предизвици, пристап до стручни знаења, менторска поддршка и контакти што можат да прераснат во конкретни партнерства. Една од нашите клучни определби е воспоставување менторски циклуси преку кои поискусните членки ќе работат со помлади менаџерки и професионалки. Паралелно со тоа, планираме и затворени деловни состаноци на кои членките во доверлива средина ќе можат да споделат конкретен предизвик од своето работење и да добијат мислење од професионалки со релевантно искуство. Најважно е членките да не бидат само публика. Сакаме секоја од нив да придонесе со своето знаење, да отвори врата за друга професионалка или да помогне во создавањето нова деловна можност. EWBC треба да биде место на кое жената не доаѓа само за да запознае некого, туку за да го направи следниот професионален чекор.
Силата на еден бизнис-клуб не ја определува само неговото име, туку луѓето што стојат зад него. Кои се жените што го претставуваат и го градат EWBC и какво професионално искуство внесуваат во клубот?
– Во актуелниот тим на EWBC, покрај мене, се Вилма Учета Дузлевска и Татјана Поповски Булоски. Секоја од нас доаѓа со различно професионално и менаџерско искуство, што е особено важно бидејќи и клубот треба да поврзува жени од различни сектори, компании и професионални средини. Наша одговорност како раководство нема да биде само да ја претставуваме организацијата. Треба активно да ги отвориме сопствените професионални мрежи за членките, да иницираме партнерства, да обезбедуваме релевантни соговорници и да создаваме услови од средбите да произлегуваат конкретни можности. Сепак, EWBC не треба да се гради само околу неколку имиња. Неговата вистинска сила треба да бидат членките – жени со различни професионални приказни, знаења и перспективи, кои се подготвени активно да учествуваат во развојот на клубот. Различноста на секторите не треба да биде само формална, туку да стане извор на нови идеи и меѓусекторски деловни соработки. Она што треба да нè поврзува се професионалноста, личниот интегритет, одговорноста и подготвеноста знаењето да се споделува. За мене е особено важно клубот да не се сведе на меѓусебна промоција, туку да развива култура на доверба, искрен професионален разговор и конкретна поддршка. За нас, женската солидарност не значи само поддршка со зборови. Таа значи да препорачате квалитетна професионалка за одговорна позиција, да ја поврзете со потенцијален клиент или партнер, да споделите искуство пред важна деловна одлука и јавно да го препознаете квалитетот и успехот на друга жена.
Во концептот на EWBC се нагласуваат размената на знаење, развојот на лидерските капацитети, професионалното вмрежување и влијанието врз позитивните деловни практики и политики. Како овие цели ќе изгледаат во практика?
– Нашата цел е активностите да бидат практични и внимателно избрани според реалните потреби на членките. Тие ќе се развиваат во четири програмски столбa: унапредување на лидерските и менаџерските вештини, размена на деловни искуства, создавање конкретни бизнис-поврзувања и застапување теми важни за жените на раководни позиции. Во практиката тоа ќе значи тематски средби со искусни менаџерки и експерти, стручни дискусии за актуелни деловни прашања, работилници, посети на компании, менторски циклуси и помали средби за вмрежување на кои ќе има простор за посуштински разговор. Посебно место ќе имаат деловните клиники, во чии рамки ќе се анализираат конкретни предизвици од работењето на членките. Наместо само да зборуваме за лидерството на општо ниво, сакаме да отвораме реални прашања поврзани со управувањето со луѓе, финансиите, развојот на компаниите, преговорите, освојувањето нови пазари и носењето тешки деловни одлуки. Темите нема да бидат ограничени само на женското лидерство. Ќе разговараме за продуктивноста, дигитализацијата, финансиското управување, одржливоста, корпоративното управување, комуникациите, извозот и пристапот до нови пазари. Жените лидери не функционираат во издвоен економски простор, туку се соочуваат со истите предизвици како и целата бизнис-заедница. Една од нашите определби е и еднаш годишно да подготвуваме истражување или деловен преглед за застапеноста, искуствата и предизвиците на жените на раководни позиции. Врз основа на добиените податоци, EWBC ќе може да формулира конкретни препораки за компаниите, институциите и другите релевантни чинители. На тој начин клубот нема само да организира настани, туку ќе создава знаење и аргументи што можат да придонесат за подобри корпоративни практики и поефикасни јавни политики. Особено значајна ќе биде соработката со компании, бизнис-здруженија, образовни институции, меѓународни организации и други релевантни партнери. EWBC е отворен за соработка со сите што можат да придонесат за подобри деловни практики и за создавање повеќе можности за жените. Успехот ќе го мериме според активното учество на членките, бројот на реализирани менторски поврзувања и нови деловни соработки, примената на стекнатото знаење во компаниите и препознатливоста на EWBC како релевантен соговорник за значајни економски и општествени прашања.
Во вашите јавни настапи често зборувате за продуктивноста, недостигот од кадар, конкурентноста и потребата од посилна поврзаност меѓу образованието и бизнисот. Каков придонес можат да дадат жените лидери во решавањето на овие пошироки економски предизвици?
– Македонската економија има сериозни структурни предизвици и тие не можат да се решаваат без целосно искористување на расположливиот човечки потенцијал. Доколку голем број образовани и способни жени не добиваат можност целосно да го развијат својот професионален капацитет и да учествуваат во донесувањето одлуки, тогаш не губат само тие – губат компаниите и целата економија. Затоа една од определбите на EWBC е прашањето за жените лидери да не се третира само како тема на еднаквост. Тоа е и прашање на конкурентност, квалитетно корпоративно управување и поефикасно користење на човечкиот капитал. Не сметам дека жените по автоматизам носат подобри одлуки само затоа што се жени. Но сигурна сум дека различните искуства, перспективи и начини на размислување придонесуваат за поквалитетни одлуки и подобро управување. Компаниите што умеат да препознаат различни таленти и да создадат еднакви можности имаат поширока база од која можат да ги избираат своите идни лидери. Преку EWBC можеме да отвориме практични теми како развојот и задржувањето на кадарот, менторството на младите, подобрата поврзаност меѓу образовните институции и компаниите, создавањето одговорни работни средини и унапредувањето на управувачките практики. Тоа се прашања што директно влијаат врз продуктивноста и конкурентноста. Кога преку нашите активности и годишното истражување ќе препознаеме заеднички проблем, не сакаме тој да остане само тема на интерна дискусија. Целта е EWBC да подготвува аргументирани препораки и да учествува во дијалогот со институциите, бизнис-здруженијата, образовниот сектор и компаниите. За три до пет години, успех би значел EWBC да биде местото на кое компаниите, институциите и медиумите ќе се обраќаат кога им е потребен компетентен женски глас за економските прашања. Не само клуб што зборува за жените, туку клуб чии членки активно зборуваат и придонесуваат за развојот на целата економија.































