Во Гостивар започна хиперхлорирање на водата и испирање на примарната водоводна мрежа како дел од мерките за надминување на кризата предизвикана од загадувањето на водоснабдителниот систем, соопшти министерот за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет за управување со кризи, Панче Тошковски, по седницата на Централниот кризен штаб.
Тошковски информира дека последните анализи на земените мостри повторно потврдиле присуство на штетни материи, што е причина за здравствените проблеми кај неколку илјади жители на Гостивар.
– Извршено е чистење на каптажата и започнато е испирање на примарната водоводна мрежа. На самиот извор е поставен систем за дополнително хлорирање со концентрација од 0,8 милиграми на литар, што е во рамките на законски дозволените вредности и не претставува ризик за здравјето на граѓаните – изјави Тошковски.
Во меѓувреме, за снабдување со техничка вода се отворени 11 пунктови, а до крајот на денот нивниот број ќе се зголеми на 13. Само денеска се дистрибуирани повеќе од 100.000 литри пакувана вода за пиење, исто како и претходниот ден, а според надлежните, засега нема недостиг од вода за пиење.
Според Тошковски, доколку резултатите од контролите бидат позитивни, до крајот на неделава или на почетокот на следната се очекува граѓаните повторно да добијат технички исправна вода од чешмите.
– Ако анализите во континуитет покажат дека водата е исправна, до крајот на следната недела очекуваме целосно да се нормализира водоснабдувањето и повторно да има безбедна вода за пиење – рече тој.
Тошковски нагласи дека, покрај справувањето со актуелната криза, институциите работат и на долгорочно решение за подобрување на системот за водоснабдување.
– Целта не е само да ја надминеме моменталната состојба, туку да воспоставиме современ и стабилен систем за постојана контрола на квалитетот на водата во Гостивар, користејќи ги искуствата и техничките решенија што веќе се применуваат во Скопје – истакна министерот.
На состанокот на Централниот кризен штаб присуствуваа и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, градоначалникот на Гостивар Ваљбон Лимани, како и повеќе претставници на Владата.
































