Лабораториско-експертскиот тим од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје продолжува со секојдневни анализи на водата во Гостивар, а хлорирањето е засилено поради утврдените микробиолошки отстапувања, соопшти Емилија Јанеска на прес-конференција на Кризниот штаб.
Јанеска информира дека пред два дена биле земени девет примероци од водата, од кои три директно од каптажите за да се утврди квалитетот на водата на самиот извор.
Според резултатите, шесте примероци земени од различни локации низ Гостивар покажале хемиска неисправност, односно отстапувања во нивото на резидуалниот хлор.
– Кај сите примероци е утврдена и микробиолошка неисправност, што укажува на недоволно ефикасен процес на дезинфекција – изјави Јанеска.
По консултациите со Секторот за експлоатација и одржување при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, преземени се итни мерки за подобрување на состојбата.
– Заменет е типот на хлоринаторот на каптажата и започнато е хлорирање со повисока концентрација на хлор, во согласност со Правилникот за безбедност на водата за пиење во услови на кризни состојби. Концентрацијата е нешто повисока од вообичаената, но е целосно безбедна за граѓаните – појасни таа.
Јанеска најави дека лабораторискиот тим и во наредните денови ќе продолжи со континуирано земање примероци од истите контролни точки за да се следи ефектот од преземените мерки.
– Ќе продолжиме со анализите сè додека не потврдиме дека водата е целосно санитарно исправна и безбедна за пиење. Штом тоа се случи, веднаш ќе биде известен Кризниот штаб – рече Јанеска.































