Фото: МВР

Осумнаесетгодишен возач-почетник е лишен од слобода откако на автопатот Скопје–Тетово бил фатен како вози со 211 километри на час, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, возачот бил запрен денеска во 16:21 часот кај клучката Кондово при контрола што ја спровеле полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот.

Станува збор за И.А. (18), кој управувал патничко возило „Фолксваген Артеон“ со скопски регистарски таблички. Со радар било утврдено дека се движел со брзина од 211 километри на час.

За возач-почетник, максимално дозволената брзина на автопат е 100 километри на час, што значи дека осомничениот ја надминал дозволената брзина за повеќе од двојно.

Од МВР информираат дека поради стореното кривично дело, возилото е одземено, а возачот е лишен од слобода и задржан во полициска станица, каде против него ќе биде спроведена понатамошната постапка.