Фото: „Нова Македонија“

Царинската управа во наредниот период ќе спроведува засилени теренски контроли на пловните објекти што се користат на Охридското Езеро, со цел да го провери нивниот царински статус и исполнувањето на законските обврски, пренесе МИА.

Контролите ќе ги спроведува Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги и ќе бидат насочени кон утврдување дали за пловилата се спроведени соодветните царински постапки согласно важечките прописи.

Од Царинската управа ги повикуваат сопствениците и корисниците на пловни објекти кај кои царинскиот статус не е регулиран, тоа да го сторат во најкус можен рок.

-Сите пловни објекти кои при контролата ќе бидат затекнати со нерегулиран царински статус ќе бидат предмет на соодветна законска постапка, при што ќе бидат преземени мерки за утврдување на обврските и привремено задржување на пловилата, до нивно целосно исполнување согласно законските овластувања – соопштија од Царинската управа.

Предмет на контрола ќе бидат и пловните објекти на нерезиденти што се користат врз основа на дозвола за привремен увоз. По истекот на дозволениот рок, тие мора да го напуштат царинското подрачје или за нив да биде спроведена соодветна царинска постапка.

Дополнително, ќе се проверува дали пловилата ги управуваат исклучиво лица кои согласно закон имаат право на тоа.

Од Царинската управа најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со редовни контроли за доследна примена на прописите за привремен престој и користење на странски пловни средства и апелираат до граѓаните и странските државјани навремено да го усогласат царинскиот статус на своите пловни објекти.