Фото: Игор Бансколиев

Авиокомпанијата „Визер“ ја прошири својата база на Меѓународниот аеродром Скопје со седми авион, што, според Владата и ТАВ Македонија, претставува значаен чекор за развојот на воздушниот сообраќај, зголемување на поврзаноста на Македонија и раст на бројот на патници.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека проширувањето на базата е големо достигнување за македонското воздухопловство.

-Визер ја проширува својата база во Скопје. Седми авион ќе биде дел од базата на Визер во Скопје. Ова е големо достигнување и нешто со што многу национални авиокомпании не можат да се пофалат. Затоа често знам да кажам дека Визер практично стана национален авиопревозник на Македонија – рече Николоски.

Тој посочи дека авиокомпанијата минатата година превезла 1,7 милиони патници, а во првите шест месеци од годинава веќе 1,2 милиони.

Со седмиот авион, „Визер“ ќе воведе три нови линии од Скопје – до Болоња, Торино и Билунд, а ќе ги зголеми и фреквенциите на повеќе постојни дестинации.

Николоски информираше дека аеродромите во Скопје и Охрид во првата половина од годинава опслужиле повеќе од два милиона патници и изрази уверување дека трендот на раст ќе продолжи.

-Ако пред неколку години се боревме за два милиона патници годишно, сега мислам дека и четири милиони патници годишно е нешто што е реално остварливо – нагласи тој.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, оцени дека седмиот авион претставува потврда на довербата во македонскиот пазар и во долгогодишното партнерство со „Визер“.

-Овој седми авион е многу повеќе од оперативна одлука. Тој претставува силна потврда на довербата во нашиот пазар и во цврстото партнерство меѓу ТАВ Македонија и Визер – изјави Курт.

Тој додаде дека дополнителниот авион ќе овозможи повеќе дестинации, поголем број летови и поголем избор за патниците, а позитивните ефекти ќе се почувствуваат и во туризмот, транспортот, угостителството и трговијата.

Според Курт, во првите шест месеци од 2026 година аеродромите во Скопје и Охрид опслужиле речиси два милиона патници и реализирале повеќе од 13.000 летови, што претставува раст од 28 проценти на патничкиот сообраќај и 7,6 проценти на бројот на летови во споредба со истиот период минатата година.

Офицерот за развој на авиолинии во „Визер“, Андраш Сабо, порача дека компанијата останува посветена на развојот на македонскиот пазар.

-Пред помалку од една година го најавивме шестиот авион, а денес веќе го потврдуваме и авионот број седум, што значи уште повеќе летови и уште повеќе можности за Македонија – истакна Сабо.

Тој посочи дека со новиот авион ќе се воведат дополнителни фреквенции на линиите до Берлин, Дортмунд и Малме, како и нови летови до Алгеро и Палермо. Во изминатите 12 месеци, „Визер“ вовела повеќе од 15 нови авиолинии со Македонија, меѓу кои и летови од Катовице и Вроцлав до Охрид, како и линијата Милано–Охрид.

-Создаваме нова поврзаност, повеќе работни места и поголем економски импакт врз Македонија. Тука сме да прославиме со вас и да ви се заблагодариме за поддршката – рече Сабо.

Тој им се заблагодари на Владата, Министерството за транспорт и ТАВ Македонија за соработката, оценувајќи дека партнерскиот пристап овозможува континуиран развој на авиосообраќајот во земјата.