Фото: Принтскрин

Проектот за филтер-станицата на изворот Вруток, кој е дел од водоснабдителниот систем на Гостивар, е завршен во 2014 година и по неговата реализација е предаден на стопанисување на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ – Гостивар, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.

На прес-конференција посветена на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Хоџа одговараше на новинарско прашање за проектот реализиран со поддршка на Швајцарската амбасада и за активностите што ги презема Владата по последните случувања со водоводниот систем.

 – Доколку зборуваме за проектот за филтер-станицата во рамките на изворот Вруток, односно за гостиварскиот водовод, проектот започна во 2011 година, а беше завршен во 2014 година – рече Хоџа.

Тој појасни дека по завршувањето на проектот бил изготвен записник за примопредавање, по што објектот официјално бил предаден на управување на ЈП „Комуналец“.

 – За истиот постои записник за примопредавање, по што објектот е предаден на стопанисување на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“, кое функционира во рамките на Општина Гостивар – изјави министерот.

Изјавата доаѓа во период кога институциите ги утврдуваат причините за загадувањето на водоводниот систем во Гостивар и одговорноста за настанатиот инцидент.