По повод Светскиот ден на змиите
По повод Светскиот ден на змиите, Македонското еколошко друштво организираше бесплатна проекција на документарецот „Европа: Еден континент, пет света“, која се одржа во петокот, во дворот на Кинотеката на Македонија во Скопје. Станува збор за првата од шесте епизоди на документарниот серијал „Европа“, прв ваков посветен на убавините на европскиот континент и еден од најамбициозните серијали снимени за дивиот свет воопшто.
Продуциран од „Лајт енд шедоу ТВ“, серијалот бил сниман повеќе од 1.000 дена во речиси 30 земји, на 50 различни локации. Една од нив е и Голем Град, најголемиот природен остров на македонска територија.
Скриен среде Преспанско Езеро, Голем Град е едно од најзначајните природни живеалишта за проучување на змиите во Европа, па кај народот е познат и како Змиски Остров. Иако најчесто се поврзува со поскокот (Vipera ammodytes), чија стабилна популација од околу 200-300 возрасни единки ја претставува најгустата на овој вид во светот, вистинскиот симбол на островот е, всушност, змијата рибарка (Natrix tessellata). Пред дваесетина години нејзината популација на островот се проценуваше на околу 25.000 единки, но денес е опадната на нешто повеќе од 5.000 единки, главно поради климатски и човечки фактори.
Токму фасцинантната змија рибарка ја следат камерите на филмската екипа, која беше придружувана и од Драган Арсовски, херпетолог во Македонското еколошко друштво. По проекцијата, тој го сподели искуството од снимањето, но и од сите досегашни истражувања на водоземци и влечуги што континуирано ги спроведуваат на Голем Град.
Филмската проекција беше организирана по повод Светскиот ден на змиите, востановен во 2013 година со цел издигнување на јавната свест за виталната улога на змиите во екосистемот.
Во светот постојат околу 3.600 различни видови змии, од кои 16 можат да се сретнат во државава. И покрај нивната разновидност и приспособливост, многу видови змии се соочуваат со закани од губење на живеалиштата под влијание на антропогени и климатски фактори.
Проекцијата се реализираше во рамките на проектот „ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“.































