Новиот британски премиер и лидер на Лабуристичката партија, Ендру Бернам, во своето прво обраќање по преземањето на функцијата порача дека на Велика Британија ѝ е потребен нов политички и економски модел, нагласувајќи дека политичарите мора да ја вратат довербата кај граѓаните.
-Знам дека луѓето се презаситени од политиката. Ве слушам и сакам да бидам искрен – не бевме доволно добри и мора да бидеме подобри – изјави Бернам.
Тој оцени дека земјата направила погрешни политички и економски избори уште во 1980-тите години, кога, според него, политичката моќ била централизирана, економската приватизирана, а многу индустриски региони останале без можност за закрепнување.
Бернам најави дека ќе работи на децентрализација на власта, со пренесување поголеми надлежности на локалните власти, како и на создавање економија со посилна јавна контрола врз основните услуги и потреби.
Во текот на годинава, рече тој, ќе претстави десетгодишен план за развој на Велика Британија, кој треба да ја постави насоката за идниот политички и економски развој на земјата.
Премиерот најави и дека веќе од утре ќе бидат презентирани првите мерки насочени кон намалување на трошоците за живот.
-Да изградиме ново чувство на национално единство, заедничка цел и оптимизам. Ова нека биде моментот кога Британија повторно ќе почне да верува и кога ќе ја вратиме надежта – порача Бернам.
Во однос на надворешната политика, тој најави телефонски разговори со американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, нагласувајќи дека британската поддршка за Украина ќе остане цврста.
-Нема да дозволам претседателот Зеленски да се сомнева. Поддршката на Велика Британија е непоколеблива и јас лично ќе стојам зад него – изјави новиот британски премиер.
Бернам денеска пристигна во Бакингемската палата заедно со сопругата Мари-Франс ван Хил, по што се упати кон Даунинг стрит 10, каде официјално ја презеде должноста.
Тој беше избран за лидер на Лабуристичката партија на вонреден конгрес одржан во петокот, а на премиерската функција го наследува Кир Стармер, кој претходно му ја поднесе оставката на кралот Чарлс III. Бернам е четврти британски премиер од стапувањето на Чарлс III на тронот во септември 2022 година и шести премиер на Велика Британија од 2016 година.
































