Мерките од Оперативниот план за вработување треба да бидат подостапни за занаетчиите, со поедноставена постапка за аплицирање и транспарентна распределба на поддршката, порача Занаетчиската комора на средбата со заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, пренесе МИА.

На состанокот беше разговарано за тековните мерки од Оперативниот план, при што Ристески истакна дека најголем интерес има за мерката „Поддршка за креирање нови работни места“, како и за „Обука на работно место кај конкретен работодавач“.

Претседателот на Занаетчиската комора, Горан Ристовски, оцени дека мерките се значајна поддршка за секторот, особено во услови на недостиг на работна сила и иселување на младите.

-Најважно е овие мерки да бидат достапни за секој занаетчија, постапката за аплицирање да биде едноставна, а процесот на доделување на средствата транспарентен – рече Ристовски.

Ристески ги повика невработените лица и занаетчиите да ги искористат можностите што ги нуди Оперативниот план и да се пријават во Агенцијата за вработување.

Мерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ предвидува обука за 50 невработени лица во период од три месеци. Учесниците ќе добиваат месечен надоместок од 12.000 денари, додека работодавачите ќе добијат еднократна поддршка од 30.000 денари за секое обучено лице. По завршувањето на обуката, работодавачите имаат обврска да вработат најмалку половина од обучените лица на најмалку три месеци.

Јавниот повик за оваа мерка трае до 30 ноември 2026 година, односно до пополнување на предвидениот број учесници.

Во тек е и јавниот повик за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“, преку која микро, малите и средните претпријатија, социјалните претпријатија и граѓанските организации можат да добијат финансиска поддршка за отворање нови работни места. Поддршката се движи од 160.000 до 250.000 денари по лице, а максималниот износ што може да го добие една компанија достигнува 1,25 милиони денари. Повикот е отворен до 24 јули.

Според Ристески, главната цел на Оперативниот план е намалување на невработеноста и задржување на младите, особено лицата до 29 години, на домашниот пазар на труд.