Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, соопшти дека директорката на ЈП „Комуналец“ и дел од раководството на претпријатието се суспендирани од своите функции, по прогласувањето на епидемија во градот поради зголемениот број граѓани со стомачни тегоби.
На денешната прес-конференција, Лимани изјави дека мерката е преземена за да не се попречува работата на надлежните институции, додека трае истрагата.
-Во контакт сум со директорката на ЈП ‘Комуналец’ и со раководството. Тие во моментов се суспендирани од своите функции. Денес ги очекуваме резултатите и врз основа на тоа ќе постапиме. Не сакам никој однапред да ја преземе вината, но не сакам ниту на кој било начин да се попречи работата на надлежните органи – изјави Лимани.
Во однос на личната одговорност, градоначалникот рече дека не чувствува морална одговорност, оценувајќи дека ЈП „Комуналец“ е самостојно правно лице кое управува со водоводниот систем.
Лимани информираше дека општинскиот Кризен штаб е веќе активиран и наскоро ќе одржи седница, на која ќе се донесуваат препораки и мерки за поддршка на граѓаните. Воедно, најави дека Општината ќе објави телефонски број преку кој граѓаните ќе можат да побараат помош и достава на вода за пиење.
Тој додаде дека локалната самоуправа е во постојана координација со надлежните институции и дека веднаш по објавувањето на резултатите од анализите ќе започне дезинфекција и прочистување на водоводната мрежа.
Во меѓувреме, директорката на ЈП „Комуналец“ Гостивар, Артана Асани, ги отфрли наводите на МВР дека незаконски поставени пумпи придонеле за загадување на водоводниот систем. Таа тврди дека пумпите биле поставени само за краткотрајна симулација на 25 јуни, работеле неколку часа, а водата потоа била испуштена во реката Вардар без да влезе во системот за водоснабдување.
































