Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, денеска изјави дека резултатите од анализите на водата за пиење во Гостивар нема да бидат јавно објавени сѐ додека трае предистражната постапка.
На прес-конференција во Владата, Андоновска посочи дека резултатите ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, кое ќе одлучи кога и на кој начин ќе бидат соопштени на јавноста.
-Нагласено ни е резултатите да ги доставиме до Јавното обвинителство и, во интерес на истрагата, тие треба да ги објават. Очекуваме анализите и доказите да помогнат да се утврди одговорноста и да се отстрани причината за проблемот. Не е важно само да се утврди причинителот, туку и да се лоцира одговорноста – изјави Андоновска.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство во Гостивар сѐ уште не соопштува дали во водата од градскиот водовод се пронајдени фекални бактерии, иако постојат сомнежи дека токму загадената вода е причина за здравствените проблеми кај околу 3.100 граѓани во изминатите денови.
Од Обвинителството информираат дека предистрагата е во тек и дека продолжуваат да се прибираат и анализираат докази.
-Сите досега обезбедени докази, како и оние што допрва ќе бидат доставени, се анализираат со цел да се утврди фактичката состојба, да се направи правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и да се идентификуваат евентуалните сторители. Постапката сѐ уште е во фаза на предистрага и е тајна. По донесување на соодветна јавнообвинителска одлука, јавноста ќе биде навремено информирана – соопштија од ОЈО.
































