Фото: Институт за јавно здравје

Надлежните институции денеска се очекува да ги објават резултатите од анализите што треба да ја утврдат причината за зголемениот број лица со стомачни тегоби во Гостивар. Во меѓувреме, продолжуваат здравствените и превентивните мерки, а од синоќа започна и дистрибуција на пакувана вода за пиење.

Преку владините служби, во градот секојдневно ќе се дистрибуираат по 50.000 литри вода за пиење, соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски. Во акцијата се вклучуваат и компании и поединци со донации.

Епидемиолозите вчера прогласија епидемија поради наглиот пораст на бројот на лица кои побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентероколит.

Според последните информации од Министерството за здравство, здравствените институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на состојбата.

Во периодот од 18 јули во 08 часот до 19 јули во 08 часот, во Општата болница во Гостивар биле регистрирани 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица биле хоспитализирани. На Педијатриското одделение биле извршени 140 прегледи, од кои 105 нови и 35 контролни, додека во Ургентниот центар биле евидентирани девет прегледи.

Од Министерството за здравство посочуваат дека кај најголемиот дел од пациентите клиничката слика е лесна, а бројот на хоспитализирани останува мал. Сепак, поради големиот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан.

По прогласувањето на епидемијата, Центарот за јавно здравје – Гостивар спроведува теренски увиди, епидемиолошки анкети и собира податоци од заболените. Досега се доставени околу 140 пријави за заразна болест, кои ги обработуваат епидемиолошките тимови на Центарот за јавно здравје – Тетово и Институтот за јавно здравје.

Институтот за јавно здравје е вклучен во истрагата со стручна и лабораториска поддршка. Во тек се интервјуа со заболените, анализа на можните заеднички извори на изложеност и микробиолошки испитувања на земените примероци.

Паралелно се спроведуваат епидемиолошко следење на новите случаи, лабораториски анализи на примероци од пациентите, испитување на водата од градскиот водовод, контрола на водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови, како и координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.

За денеска е најавена прес-конференција во Владата, на која се очекува да бидат презентирани резултатите од анализите на водата од градскиот водовод и дополнителни информации за епидемијата во Гостивар.