Од печат излезе книгата „Рацин(е!)“, впечатлива студија од професорката Марија Ѓорѓиева-Димова, која претставува значаен придонес кон рацинологијата.
„Студијата ‘Рацин(е)!’ на Марија Ѓорѓиева-Димова, без сомнение, претставува едно впечатливо, оригинално, теориски и илустративно цврсто засновано толкување на поезијата на Кочо Рацин во контекст на неговото и на нашето време, од поетичка, но и од културолошка и од историска перспектива“, пишува акад. Катица Ќулавкова во рецензијата.
Според Ќулавкова, новата збирка студии на Ѓорѓиева-Димова, интегрирани во една целина, претставува дијалог од историска и од теориска дистанца со книжевната оставина на Рацин.
Во воведниот збор за книгата, авторката Ѓорѓиева-Димова ја истакнува важноста за интерпретативното навраќање кон Рациновото дело, посочувајќи дека секое носи со себе етичка и педагошка функција за секоја следна (нова/млада) генерација читатели, на која треба критички и толкувачки да им се доближи корпус што е доминиран со референцијалните фокуси врз контекстите во кои бил создаван. Освен тоа, со секое повторно читање треба да се посочат универзалноста и безвременоста на неговите тематски преокупации.
„Но истовремено, навраќањето кон Рациновото дело претставува и потсетување и промислување на контекстите во коишто се одвивала нашата национална и културна еволуција“, пишува професорката на почетокот на студијата.
Марија Ѓорѓиева-Димова e редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Авторка е на монографиите: „Модели на интертекстуалност во романот“ (2003), „Метатекстови“ (2008), „Интенција и интерпретација“ (2011), „Повторната средба на Клио и Калиопа“ (2012), „Меанадрите на книжевноста“ (2015), „Толкувачки визури“ (2016), „Теоријата на книжевност во (интер)акција“ (2017), „Интерпретограми“ (2020), „Интердискурзивните дијалози на книжевноста“ (2021), „Книжевни каталози“ (2023), „Ако романот е пропуштена историја“ (2025).
Книгата може да се најде во сите книжарници на издавачкиот центар ТРИ и онлајн на kniga.mk.
































