Повод: Повикот на Европската комисија секоја држава членка да воспостави национален механизам што ќе ги координира сите институции поврзани со европската стратегија „Глобал гејтвеј“
- Додека во јавноста најчесто се зборува за вооружување, безбедност и геополитички тензии, паралелно во ЕУ се одвива една тивка, но далекосежна мобилизација. Таа не е воена, туку институционална, економска и технолошка мобилизација. Земјите што се свесни и одговорни кон повикот и иницијативата на ЕК постепено ги организираат своите државни, финансиски, дипломатски и научни капацитети за да обезбедат што подобра позиција во најголемиот европски инвестициски циклус во следната деценија
- Иако формално програмата не е поврзана само со Украина, сè поочигледно е дека голем дел од европските институции размислуваат за периодот по воспоставувањето траен мир. Обновата на Украина ќе бара стотици милијарди евра инвестиции во патишта, мостови, железници, енергетика, телекомуникации, јавни објекти, дигитална инфраструктура и индустрија
Со формирањето на „Тим Австрија“, Виена практично го прифати повикот на Европската комисија секоја држава членка да воспостави национален механизам што ќе ги координира сите институции поврзани со европската стратегија „Глобал гејтвеј“ (Global Gateway). Целта не е создавање уште една бирократска структура, туку формирање еден вид „оперативен штаб“ што ќе им помогне на домашните компании, банките, развојните агенции, научните институции и на дипломатијата организирано да настапуваат на европскиот пазар на големи инфраструктурни проекти. Ова можеби е најважната порака што доаѓа од Брисел во последните години. Европската комисија не бара само финансиски придонес од државите туку нивна целосна мобилизација.
Стратегија и проекти засновани врз принципите на транспарентност,
одржливост и рамноправно партнерство
ЕУ ја претстави стратегијата „Глобал гејтвеј“ во 2021 година, една година непосредно пред украинско-рускиот судир на европската територија. Со стратегијата набргу се исполни првичната цел за мобилизација на околу 300 милијарди евра инвестиции, па ЕУ постави нова цел – до 2027 година да мобилизира околу 400 милијарди евра за инфраструктурни проекти низ светот. Овие инвестиции треба да опфатат транспортни коридори, обновлива енергија, дигитални мрежи, здравство, образование, истражување и нови технологии, при што секој проект треба да биде заснован врз принципите на транспарентност, одржливост и рамноправно партнерство. И што е уште поважно, „Глобал гејтвеј“ не претставува само надворешна политика на Унијата. Тој станува инструмент за зајакнување на европската индустриска база и поврзување на земјите членки на ЕУ и другите држави на европскиот континент.
Австрија како пример како се подготвува една држава
Европската комисија (ЕК) инсистира на концептот „Тим Европа“ (Team Europe). Тој подразбира дека Европската Унија, земјите членки, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, националните развојни банки, научните институции и приватниот сектор не настапуваат одделно, туку како интегриран европски систем. На тој начин политичката тежина, финансиските инструменти, техничкото знаење и индустриските капацитети се комбинираат во единствен механизам. Во оваа логика, инфраструктурата повеќе не е само пат или железница. Таа станува средство за економско влијание, за развој на европските компании, за обезбедување нови пазари и за намалување на зависноста од нестабилни глобални синџири на снабдување.
А токму австрискиот модел открива како сериозните држави ја разбираат оваа нова европска политика. Имено, во „Тим Австрија“ не е вклучено само Министерството за надворешни работи туку и министерствата за финансии и економија, Австриската контролна банка, Австриската развојна банка, Австриската агенција за развој и Стопанската комора. Тоа значи дека дипломатијата, финансиите, стопанството и науката дејствуваат како единствен систем. Фокусот во првата фаза е ставен врз одржливата транспортна инфраструктура и проектите како Јужниот водороден коридор, кој треба да стане еден од столбовите на идната европска енергетска безбедност. Австрија, всушност, не чека проектите да се појават. Таа однапред ги организира институциите што ќе ги освојуваат тие проекти. Тоа е суштинската разлика меѓу реактивна и проактивна држава.
Идните партнерства мора да се градат врз доверба, рамноправност и
долгорочна соработка
Особено внимание заслужува уште една порака што доаѓа од Австрија. Министерката за наука Ева Марија Холцлајтнер нагласи дека идните партнерства мора да се градат врз доверба, рамноправност и долгорочна соработка, при што науката и истражувањето треба да бидат активен дел од европската сувереност. Наши брифери забележуваат дека ваквата изјава е „суштинска промена во европското размислување“. Научните институции повеќе не се гледаат само како академски центри туку како генератори на иновации, технологии и индустриски решенија што директно ќе учествуваат во новите инфраструктурни инвестиции. Затоа „Глобал гејтвеј“ ги поврзува инфраструктурата, индустријата, образованието, истражувањето и економската дипломатија во единствена стратегија.
Европа веќе програмски се мобилизира за периодот по војната на европско тло
Иако формално програмата не е поврзана само со Украина, сè поочигледно е дека голем дел од европските институции размислуваат за периодот по воспоставувањето траен мир. Обновата на Украина ќе бара стотици милијарди евра инвестиции во патишта, мостови, железници, енергетика, телекомуникации, јавни објекти, дигитална инфраструктура и индустрија. Истовремено, Европа ќе мора да инвестира и во сопствените транспортни и енергетски коридори, во новите логистички врски и во технолошката модернизација. Практично, целиот европски континент постепено се претвора во огромно градилиште. Токму затоа денес се формираат национални тимови, а не по завршувањето на тие процеси.
Мобилизирање на мисловниот и творечки потенцијал од Македонија
Македонија, како земја кандидат за членство во Европската Унија, има можност преку претпристапните инструменти, преку европските програми, преку научната соработка и преку регионалните инфраструктурни иницијативи постепено да се интегрира во оваа нова европска економска архитектура. Се разбира дека тоа нема да се случи само од себе, туку е потребен импулс, еден вид национална мобилизација, на различни институционални и деловни нивоа и нивно вмрежување. Ако европските држави денес создаваат свои „национални тимови“, тогаш и Македонија треба да почне да размислува во истата насока. Не како формална копија на австрискиот модел, туку како сопствен механизам што ќе ги обедини мисловните, стручните и творечките потенцијали на државата. Вистинската дилема не е дали Европа ќе инвестира, таа веќе инвестира, а Македонија навреме ќе се организира за да стане дел од тој процес. Во светот што се создава по големите геополитички потреси, победници нема да бидат само оние што располагаат со капитал туку и оние што навреме ќе ги организираат своите институции, знаење и луѓе. Австрија е пример за тоа и тој пример и ние треба да го следиме.
































