Денеска времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност. Во попладневните часови се очекува изолирана појава на пороен дожд и грмежи, а ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, утринските температури ќе се движат од 13 до 22 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 33 и 39 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, а попладне во одделни делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Температурата ќе се движи од минимални 20 до максимални 38 степени.
УХМР најавува дека во следните два дена ќе продолжи сончевото и многу топло време, со дневни температури кои локално ќе достигнат и до 40 степени. Во попладневните часови и натаму ќе има можност за изолирана нестабилност.
Од вторник се очекува промена на времето, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер на повеќе места. Во среда ќе дува засилен северен ветер, а температурите ќе се намалат за неколку степени.


































