Повод: Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер деновиве изјави дека Европската комисија, поради проблемите што ги имаат професионалните возачи од Западен Балкан со системот за влез/излез (ЕЕС), им
предложила на членовите на Унијата и на земјите од Западен Балкан да разговараат и да се договорат за долгорочни визи. Предлогот за долгорочни визи де факто е признание дека системот за влез и излез (ЕЕС) создаде сериозен проблем за транспортниот сектор. Но тоа е само привремен лек за една лошо осмислена европска политика
- Ретко се случува Европската комисија (ЕК) јавно да признае дека некоја од нејзините политики создава сериозни практични проблеми за граѓаните и стопанството. Уште поретко е тоа признание да дојде во форма на предлог што, всушност, претставува импровизирано решение за последиците од еден систем што веќе е пуштен во функција. Токму затоа изјавата на европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер заслужува сериозно внимание. Европската комисија, поради проблемите што професионалните возачи од Западен Балкан ги имаат со новиот систем за влез и излез (ЕЕС), им предлага на земјите членки на Европската Унија и на државите од регионот да започнат разговори за издавање „долгорочни визи“ за оваа категорија работници. На прв поглед тоа изгледа како позитивна вест. Но кога внимателно ќе се прочита изјавата на Брунер, станува јасно дека ова не е решение, туку привремено олеснување
Понекогаш една реченица кажува повеќе од стотици страници европски регулативи. Таков е случајот со изјавата на европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, дека Европската комисија им предлага на земјите членки и на државите од Западен Балкан да разговараат за воведување долгорочни визи за професионалните возачи. Во дипломатскиот речник тоа звучи како конструктивен предлог. Во превод на јазикот на реалноста, тоа значи дека Брисел конечно признава дека системот за влез и излез (ЕЕС) создаде проблем што никој во европската администрација не успеа навреме да го предвиди или, можеби, не сакаше да го слушне. Најважниот дел од изјавата на Брунер не е самиот предлог за долгорочни визи. Клучната порака е неговото признание дека „во моментов тоа е излезот“. Тоа е реченица што открива многу. Таа значи дека Европската комисија нема трајно решение за проблемот со кој веќе се соочуваат десетици илјади професионални возачи од Западен Балкан. Таа признава дека новиот систем функционира технички, но произведува последици што никој не ги интегрирал во политичките пресметки. Уште позначајно е што Брунер отворено признава дека долгорочно решение можеби ќе се бара преку новата визна политика на Европската Унија, но дека тоа нема да се случи брзо. За такво решение ќе бидат потребни договор меѓу сите земји членки, нова правна рамка и сложени политички преговори. Тоа значи дека транспортниот сектор уште долго ќе живее во правен вакуум. Во меѓувреме, државите сами ќе треба да бараат билатерални договори за долгорочни визи, како што веќе направи Хрватска.
Но ако секоја земја има свои правила, свои критериуми и свои процедури, тогаш каде исчезнува принципот на единствениот европски простор? Европската Унија со децении ја гради идејата за заеднички пазар, за слободно движење и за хармонизирани политики. Сега, наместо единствено решение, нуди мрежа од билатерални договори што ќе зависат од политичката волја на секоја држава поединечно. Тешко дека тоа може да се нарече европско решение.
Возачите не ја злоупотребуваат Европа – тие ја снабдуваат
Во целата дебата околу ЕЕС постои една суштинска грешка. Европската администрација упорно ги третира професионалните возачи низ призмата на миграциската политика.
– Професионалните возачи не се мигранти. Не се ниту туристи, ниту пак луѓе што бараат начин да останат во Европската Унија. Тие работат и, што е најважно, тие се дел од европската економија! Возачот од Македонија, Србија или од Босна и Херцеговина не престојува во Германија, Франција или во Холандија затоа што сака таму да живее. Тој е таму затоа што превезува стока што европските фабрики ја очекуваат навреме, затоа што снабдува трговски синџири, затоа што носи компоненти за автомобилската индустрија или лекови за болниците. Без тие возачи, европската логистика би почувствувала сериозни последици. Иронијата е што токму тие луѓе денес се најголемите жртви на систем што требаше да ја направи Европа побезбедна – велат наши соговорници, експерти од доменот на транспортниот сектор. Тие додаваат и дека правилото за престој од најмногу 90 дена во период од 180 дена не е ново, но дека е ново тоа што ЕЕС го претвори секој ден во математичка категорија.
– Компјутерот повеќе не прави разлика дали некој е турист што летува на Медитеранот или возач што во кабината на камионот минува илјадници километри низ Европа. Секој ден се брои. Секој влез и излез се регистрира. Секоја грешка може да значи забрана за влез!? Така, наместо да планираат маршрути, возачите денес пресметуваат денови. Наместо логистика, компаниите управуваат со бирократија. Наместо транспорт, се плашат дека ќе влезат во административен ризик и ќе го загубат бизнисот. Тоа ли е решение за интеграција – зачудено констатираат нашите соговорници, реално судирајќи се со инертноста на европската администрација да донесе решенија што транспортерите веќе им го понудија на бриселските бирократи.
Македонските транспортери одамна предупредуваа
Во Македонија транспортниот сектор со години алармираше дека воведувањето на ЕЕС ќе создаде сериозни проблеми. Но, рака на срце, истото го правеа и здруженијата од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од другите земји од регионот.
– Не случајно беше формирано и регионално тело што требаше заеднички да разговара со институциите на Европската Унија. Тоа беше признание дека проблемот не е локален, туку заеднички и дека бара регионален настап. Барањата никогаш не беа радикални. Никој не бараше укинување на безбедносните проверки. Никој не бараше привилегии. Се бараше едно едноставно правило – професионалниот возач да не се третира исто како турист. Да се воведе посебен режим за луѓето чија работа е постојано движење низ Европа. Да се направи исклучок што ќе ја следи економската логика. Но Брисел долго време остана глув. Дури сега, кога и европските компании почнаа да чувствуваат последици од недостигот од возачи и од комплицираните процедури, Европската комисија признава дека проблемот навистина постои. Тоа е доцно признание. Но подобро доцна отколку никогаш – изјавуваат разочарано нашите соговорници, обидувајќи се со едноставен речник да го објаснат својот проблем во јавноста и да мобилизираат што поголем процент на регионално јавно мислење за своја поддршка.
Европа произведува сè повеќе правила, а сè помалку доверба
Последната деценија, Европската Унија стана фабрика за регулативи, а за тоа сведочат низа усвоени нови административни правила и прописи, како на пример ЕЕС и ЕТИАС. Се наметнуваат нови дигитални контроли и нови и нови административни процедури и проверки. Се разбира дека, според Брисел, секое од тие воведени правила поединечно, па и заедно во пакет, си има своја логика. Н, кога ќе се спојат во една целина, се добива систем што станува сè потежок за оние што секојдневно треба да работат. Особено за компаниите од Западен Балкан.
– Брисел постојано зборува за интеграција на регионот. За единствен економски простор. За забрзување на европската перспектива. Но, на терен, впечатокот е поинаков. Со секоја нова регулатива се појавува уште една административна пречка. Со секој нов систем се отвора уште една процедура. Со секое ново правило растат трошоците. Тоа создава впечаток дека Европа повеќе верува во бирократијата отколку во сопствениот пазар. А токму транспортот е секторот што најдобро покажува колку е тоа опасно. Камионот не може да чека политички договор. Фабриката не може да го одложи производството затоа што некој возач ги потрошил дозволените денови за престој. Логистиката не функционира според административен календар. Таа функционира според потребите на економијата – велат нашите соговорници.
Ако Европа сака интеграција, мора да почне од оние што ја поврзуваат
– Ние како транспортери сметаме дека предлогот за долгорочни визи е чекор напред. Но дека тој не е решение! Тој предлог е повеќе признавање дека постојното решение не функционира! ЕУ ќе мора многу побрзо отколку што сега признава да создаде посебен режим за професионалните возачи од трети земји, особено за оние како што сме ние, од Западен Балкан, кои со децении се составен дел од европските транспортни синџири. Во спротивно, ќе продолжи парадоксот во кој Европа, од една страна, зборува за партнерство со регионот, а од друга, воведува правила што го прават тоа партнерство сè потешко. Па ниту една европска економија не може да функционира без транспорт. Ниту еден транспорт не може да функционира ако возачите станат заложници на една бавна и неантиципативна бирократија. И ако Европската комисија денес признава дека долгорочните визи се единствениот излез, тогаш тоа е најсилниот доказ дека проблемот не е во возачите. Проблемот е во системот што требаше да ја направи Европа поефикасна, а за многумина ја направи покомплицирана, поентираат на крајот нашите соговорници, кои се директно инволвирани во предизвикот што го наметна Брисел. П.Е.
































