- Надворешната политика на ЕУ и енергетската реалност како да доаѓаат од две различни планети, а не од ист административен центар на ЕУ. Додека официјален Брисел зборува за енергетско одвојување од Русија, европските држави забрзано купуваат рекордни количества руски течен природен гас (ЛНГ) од проектот „Јамал“, само неколку месеци пред да стапи во сила целосната забрана за увоз според долгорочните договори, закажана за 1 јануари 2027 година
- Внатрешната конфузија на Европската Унија има и своја надворешна цена. Додека Брисел троши огромна политичка енергија на сопствените енергетски, безбедносни и геополитички противречности, проширувањето постепено се претвора во споредна тема. За државите кандидати од Западен Балкан тоа значи уште подолги периоди на неизвесност, уште повеќе одложувања и уште помалку политичка енергија посветена
на евроинтеграциите
Европската Унија со години настојува да изгради политички наратив дека војната во Украина претставува пресвртница по која европската зависност од руските енергенти ќе стане минато. Санкциите, ограничувањата и политичките декларации требаше да испратат порака дека економските интереси повеќе нема да бидат надвор од геополитичките принципи.
Но бројките од првата половина на 2026 година ја отвораат сосема поинаквата слика.
Бриселскиот оркестар без диригент
Додека официјален Брисел зборува за енергетско одвојување од Русија, европските држави забрзано купуваат рекордни количества руски течен природен гас (ЛНГ) од проектот „Јамал“, само неколку месеци пред да стапи во сила целосната забрана за увоз според долгорочните договори, закажана за 1 јануари 2027 година. Овој парадокс не е само статистичка аномалија. Тој е уште еден симптом на сè поочигледниот феномен што би можел да се нарече „раштиман бриселски оркестар“ – унија во која различните политики не само што не се координирани туку честопати меѓусебно се целосен политички антипод.
Рекорден увоз на ЕУ од Русија, токму пред забраната
Според податоците на аналитичката компанија „Кплер“, земјите од Европската Унија во првите шест месеци од 2026 година увезле рекордни 9,89 милиони тони ЛНГ од рускиот проект „Јамал“, управуван од приватната компанија „Новатек“. Тоа претставува раст од 18 проценти во однос на истиот период минатата година. Практично, Европа го апсорбирала речиси целото производство на оваа сибирска постројка.
Најголеми купувачи биле:
- Франција
– 3,6 милиони тони; - Белгија
– 2,9 милиони тони; - Шпанија
– 2,7 милиони тони.
Невладината организација „Ургевалд“ проценува дека европските купувачи за тие испораки можеби платиле дури шест милијарди евра. Фактот дека токму европските пазари го одржуваат работењето на еден од најважните руски извозни енергетски капацитети отвора непријатни прашања за конзистентноста на европската санкциска политика.
Санкции денес, долгорочни договори до утре
Формално гледано, Европската Унија веќе забрани купување руски ЛНГ преку краткорочни договори. Но долгорочните договори остануваат дозволени сè до почетокот на 2027 година. Така, политичкиот сигнал гласи дека Русија мора да биде економски изолирана, додека економската практика дозволува токму европските купувачи да продолжат да ја финансираат руската енергетска индустрија уште најмалку неколку месеци.
Овој временски вакуум простор, исполнет со политички шпекулативни потези на Брисел, создава впечаток дека санкциите се повеќе политички компромис отколку стратешки инструмент.
Европа како логистички спас за „Јамал“
Уште поважен е логистичкиот аспект. Проектот „Јамал ЛНГ“ се наоѓа на рускиот Арктик и зависи од ограничена флота специјализирани танкери од класата „арк7“. За овие бродови европските пристаништа имаат клучно значење. Колку побрзо тие ги истовараат товарите во Европа, толку побрзо можат повторно да се вратат во Арктикот по нови количества. Алтернативата – транспорт преку Северниот морски пат до Азија – е значително подолга, поскапа и поризична. Практично, европската инфраструктура не е само купувач на рускиот ЛНГ туку претставува и критична алка во одржувањето на целиот руски извозен модел.
Енергетската реалност ја надвладува бриселската (гео)политика
Во исто време Европа се соочува со сериозен проблем. Полнењето на гасните складишта значително заостанува зад минатогодишното темпо. Цените на европската берза ТТФ повторно почнаа силно да растат и во средината на јули првпат од почетокот на јуни ја надминаа границата од 600 долари за илјада кубни метри. Пазарот дополнително го потресе заканата од евентуално затворање на Ормускиот Теснец, преку кој поминува значителен дел од светската трговија со ЛНГ од Катар. Во такви услови, Европа практично нема простор за идеолошки избор. Без разлика на политичките пораки, енергетската безбедност повторно станува примарен приоритет.
Русија губи приходи, но Европа останува нејзин најважен клиент
Интересно е што приходите на Русија од нафта и гас сепак бележат пад. Според прелиминарните податоци на руското Министерство за финансии, приходите од нафта и гас во првата половина на 2026 година изнесуваат околу 48,3 милијарди долари, што претставува намалување од речиси 23 проценти. Сепак, европската побарувачка продолжува да биде главен фактор што овозможува непречено функционирање на „Јамал“. Во меѓувреме испораките кон Азија се намалиле за дури 74 проценти. Причините се повеќеслојни – од транспортните ограничувања, преку осигурителните ризици, до претпазливоста на дел од меѓународните бродски компании поради европските санкции.
Азискиот пазар станува сè поскап
Паралелно со европската трка за обезбедување ЛНГ, расте конкуренцијата и во Азија. Пакистан, по доцнењето на катарските испораки, организираше итен тендер и прифати цена од 646 долари за илјада кубни метри, додека кинеската „Петро Чајна“ веќе нудела препродажба по уште повисока цена од околу 660 долари. Тоа покажува дека светскиот ЛНГ-пазар повторно влегува во период на неизвесност и ценовни турбуленции. Во такви околности, европските влади се обидуваат да ги наполнат резервите пред зимата, без оглед на политичката непријатност што ја носи купувањето руски гас.
Две бриселски политики што меѓусебно се како два магнетни пола што
меѓусебно се одбиваат
Случајот со „Јамал“ можеби најдобро ја илустрира пошироката состојба во Европската Унија. Од една страна стои амбициозна надворешна политика изградена врз санкции, геополитичка конфронтација и силна политичка поддршка за Украина. Од друга страна стои енергетска политика што е принудена да ги следи законите на пазарот, безбедноста на снабдувањето и интересите на националните економии. Кога овие две политики се судираат, победува реалноста. Токму затоа впечатокот е дека Брисел сè почесто функционира како институционален систем во кој различни дирекции, различни комисии и различни национални интереси создаваат политики што како да се пишувани на две различни планети.
Што значи ова за Западен Балкан?
Внатрешната конфузија на Европската Унија има и своја надворешна цена. Додека Брисел троши огромен политички капитал на сопствените енергетски, безбедносни и геополитички противречности, проширувањето постепено се претвора во споредна тема. За државите кандидати од Западен Балкан тоа значи уште подолги периоди на неизвесност, уште повеќе одложувања и уште помалку политичка енергија посветена на евроинтеграциите. Ако Унијата денес тешко успева да ги усогласи сопствената надворешна и енергетска политика, тогаш сè потешко ќе успева да обезбеди јасна и кредибилна стратегија за сопственото проширување. Токму затоа приказната за рускиот ЛНГ не е само приказна за гасот. Таа е приказна за една Европска Унија што сè почесто остава впечаток на политички оркестар без диригент – со институции што свират различни партитури, членки што ги следат сопствените интереси и политики што не секогаш зборуваат со ист јазик. Во таква атмосфера, проширувањето ризикува да остане уште една композиција што постојано се најавува, но ретко кога навистина започнува.
































