ФУДБАЛ – УТРЕ Е ФИНАЛЕТО НА СП 2026

  • Фудбалерите на новиот светски првак, покрај трофејот и златните медали, ќе добијат и нов симбол на триумф, шампионски прстени, објави ФИФА. На двата меча викендов на кои ќе се распределуваат медалите на СП 2026 ќе се решаваат и носителите на повеќе индивидуални награди

Финалето на 23. Светско првенство (СП), прво на кое играа 48 репрезентации, меѓу Шпанија и актуелниот светски шампион Аргентина, утре (21 часот), во Њу Џерси (САД) ќе биде 12. меѓусебен дуел за титулата планетарен фудбалски првак во кој ќе се сретнат репрезентации од Европа и од Јужна Америка. Првпат на мундијалите за вредниот трофеј ќе играат актуелните прваци на двата континента и селекции што се на првите две места на актуелната ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Вечерва (23 часот), пак, е и дуелот за третото место на СП 2026, меѓу Франција и Англија.
На двата меча викендов ќе се решаваат носителите на медали, но и освојувачот на наградата „Златна копачка“ за најдобар стрелец. Во моментов Лионел Меси (Аргентина) и Килијан Мбапе (Франција) водат со по осум гола, но Меси е во предност поради тоа што има една асистенција повеќе. Најблиску до нив, од фудбалерите што уште играат, се Џуд Белингем и Хари Кејн (Англија) со по шест погодока… По финалето ќе бидат доделени и други индивидуални награди на СП 2026, како „Златната топка“ за најдобриот фудбалер, „Златната ракавица“ за најдобриот голман, наградата за најдобар млад фудбалер, наградата за ферплеј…. Фудбалерите на новиот светски првак, покрај трофејот и златните медали, ќе добијат и нов симбол на триумф, шампионски прстени, објави ФИФА.
Секој прстен ќе биде дел од строго ограничено издание од само 2.026 индивидуално нумерирани парчиња, директна почит кон самиот турнир. Од нив, 30 ќе бидат доделени на победничкиот тим, а 1.996 ќе бидат достапни за луѓето низ светот како официјален лиценциран производ, овозможувајќи да се има уникатен дел од историјата на СП 2026, пишува ФИФА. Едната страна од прстенот го прикажува трофејот, а другата ќе биде приспособена за да го одрази идентитетот на победничката репрезентација. Секој прстен ќе биде нумериран, приспособен и доставен со свој сертификат за автентичност.

Во претходните 11 интерконтинентални финалиња, селекциите од Јужна Америка победија осум пати, а од Европа трипати. Во тие дуели за титулата Бразил славеше пет пати, Аргентина трипати, Германија двапати и Франција еднаш. Досега имаше и девет финалиња во кои играа само европски репрезентации (Италија победи четири пати, Германија двапати, а Англија, Франција и Шпанија по еднаш) и две со учество само на селекции од Јужна Америка (две победи оствари Уругвај).
Шпанија досега има една светска титула, освоена во 2010 година (победа на дуелот со Холандија со 1-0), а утре ќе го игра своето второ финале на мундијалите. Аргентина, пак, игра за четвртата титула, а ќе настапи во своето седмо финале. Аргентина победи во финалињата во 1978 година (3-1 со Холандија), 1986-та (3-2 со Германија) и во 2022 година (4-2 на пенали со Франција, по ремито 3-3), а загуби во 1930 година (2-4 од Уругвај), 1990-та (0-1 од Германија) и во 2014 година (0-1 од Германија).
Двократниот светски првак Франција досега има две трети места (1958 и 1986 година) и едно четврто. Англија, која има една титула, нема бронзен и досега освои две четврти места на СП. Н.М.


СП 2026

Меч за трето место
Франција – Англија 23 ч.
Финале
Шпанија – Аргентина утре, 21 ч.

ДОСЕГАШНИ СВЕТСКИ ПРВАЦИ
Бразил 5
Италија 4
Германија 4
Аргентина 3
Уругвај 2
Франција 2
Англија 1
Шпанија 1