КОЈ ЗБОРУВА ВО ИМЕТО НА ЕВРОПА? (2)
Кога Европската комисија (ЕК) станува министерство за надворешни работи, а државите членки се борат за последниот збор
- Вистинската битка во ЕУ се води за тоа кој ќе ја има контролата врз надворешната политика на Унијата. Многу суштински несогласувања до скоро се криеја под тепих, но од неодамна конфликтите излегоа на виделина, а прашањата поврзани Израел, како еден дел од несогласувањата, се само повод. Во две продолженија, денес и утре, ќе можете да прочитате сублимат од разговори со повеќе наши соговорници, дипломати, универзитетски професори и политички аналитичари во врска со сериозните институционални судири внатре во ЕУ и борбата за тоа кој во надворешната и безбедносна политика е тој што треба/сака да го има последниот збор? Денеска го проследуваме вториот дел од фељтонот во два дела.
Во првиот дел од фељтонот видовме дека спорот околу можната забрана на трговијата со израелските населби не е само прашање на една конкретна мерка кон Израел. Тој е симптом на многу подлабок проблем.
Европската Унија сè уште нема целосно одговор на едно фундаментално прашање – кој има право да зборува во името на Европа кога станува збор за светската политика?
ЕУ не е држава
Одговорот не е едноставен, бидејќи Европската Унија не е држава. Таа нема претседател со класични извршни овластувања, нема единствено министерство за надворешни работи и нема една влада што може да донесува одлуки за сите. Наместо тоа, има сложен систем во кој се испреплетуваат Европската комисија (ЕК), Советот на ЕУ, Европскиот парламент, Европската служба за надворешно дејствување и 27 национални дипломатии. Токму таа сложеност денес создава институционална борба за надлежност.
Лисабонскиот договор – компромис што никогаш не беше целосно решен
Кога Европската Унија го усвои Лисабонскиот договор, идејата беше да се надмине еден од најголемите проблеми на Европа, а тоа секако е слабата видливост на Унијата во меѓународните односи. Пред тоа, Европа често зборуваше со повеќе гласови. Европската комисија ја претставуваше Унијата во трговијата и економијата. Претседателството на Европскиот совет (ЕС) ја координираше политиката на земјите членки. Националните влади водеа сопствени дипломатски иницијативи. Создавањето на функцијата висок претставник за надворешна политика требаше да го промени тоа. Но компромисот во Лисабон остави една голема празнина. Високиот претставник доби политичка функција, но не доби целосна власт. Тој или таа треба да ја координира надворешната политика, но најважните одлуки и понатаму зависат од согласноста на владите. Истовремено, Европската комисија остана најмоќната институција во секојдневното функционирање на Унијата. Така беше создаден систем во кој две институции имаат природен интерес да влијаат врз истото поле.
Оркестарот сè повеќе се раштимува
Со почетокот на руско-украинскиот судир стигна и најголемиот тест за европската надворешна политика во последните децении. Европската Унија успеа да воведе серија санкции, да обезбеди финансиска и политичка поддршка за Киев и да се усогласи со западните партнери. Но зад единството пред јавноста постоеше борба за тоа кој ќе ја води европската реакција. Комисијата, со својот економски и финансиски инструментариум, стана централна во креирањето на санкциската политика. Претседателката Урсула фон дер Лајен директно комуницираше со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со лидерите на САД и Г7. Во меѓувреме, високиот претставник и дипломатската служба се обидуваа да ја задржат улогата на главен координатор на европската дипломатија. Сличен модел се појави и во односите со Кина. Прашањата за економската безбедност, технологијата, трговските ограничувања и стратешката зависност од Пекинг станаа област каде што комисијата презема сè поголема улога. Проблемот не е дека комисијата нема право да биде активна. Проблемот е што границата меѓу економската политика и геополитиката станува сè потенка.
Правната битка за квалификуваното мнозинство – политичко оружје
Еден од најважните моменти во спорот околу израелските населби е прашањето за начинот на гласање. Земјите што ја поддржуваат забраната тврдат дека станува збор за трговска политика. Ако е така, одлуката може да биде донесена со квалификувано мнозинство. Тоа значи дека една или неколку држави не би можеле сами да ја блокираат. Но Европската комисија зазеде поинаков став. Според нејзиното толкување, мерката би имала јасна политичка и надворешнополитичка димензија. А за таквите одлуки традиционално се бара согласност од сите членки (консензус).
Според повеќе познавачи на функционирањето на ЕУ, разликата не е само правна. Таа е и политичка.
Ако се прифати првата интерпретација, поголемите коалиции во ЕУ можат да преземат иницијативи дури и кога некои влади се против. Ако се прифати втората, секоја држава го задржува правото на вето.
Во суштина, спорот е за тоа дали Европската Унија треба да стане поефикасен геополитички актер или да остане заедница каде што националните влади го имаат последниот збор!
Германија, Чешка и стравот од преседан
Државите што се противат на ограничувањата кон Израел, меѓу кои се посочуваат Германија и Чешка, не гледаат само на конкретната мерка. За нив станува збор за поширок принцип. Ако денес мнозинството може да донесе одлука за Израел, утре истото правило може да се користи за други чувствителни надворешнополитички прашања. Берлин традиционално е претпазлив кога станува збор за санкции и дипломатски чекори што можат да имаат големи политички последици. Истовремено, дел од европските влади предупредуваат дека претераната воздржаност ја слабее веродостојноста на ЕУ како сила што се повикува на меѓународното право. Така се создава основната поделба.
Една Европа сака Унијата да дејствува како глобален актер. Друга Европа сака клучните одлуки да останат под контрола на националните престолнини.
Кризата на европскиот „еден глас“
Најголемата последица од овој институционален судир не е само бавноста во донесувањето одлуки. Проблемот е кредибилитетот. Кога Европската Унија испраќа различни сигнали, партнерите и ривалите во светот добиваат впечаток дека Европа е економски гигант, но политички нецелосен актер. Ова особено се гледа на Блискиот Исток. Додека некои европски држави бараат построг однос кон Израел, други предупредуваат дека ЕУ не смее да ги загрози стратешката соработка и безбедносните врски. Резултатот е компромисна политика што често не ги задоволува ниту едните ниту другите.
Што ќе остане по спорот со Израел?
Без оглед на конечната одлука за трговијата со израелските населби, една работа веќе е јасна. Оваа криза ја отвори старата рана на Европската Унија. Прашањето не е само дали ќе има забрана за одредени производи. Прашањето е дали Европа во иднина ќе има една надворешна политика или повеќе паралелни политики.
Урсула фон дер Лајен ја турка идејата за посилна, како што самата вели – „геополитичка комисија“!
Европската дипломатска служба инсистира дека координацијата на надворешната политика мора да остане во нејзини рамки.
Државите членки, пак, не се подготвени целосно да се откажат од својот последен збор. Затоа спорот околу Израел е само најново поглавје во една поголема европска приказна за унија што сака да биде глобална сила, но сè уште се бори да одговори кој ја држи дипломатската карта во раце. За жал, сето тоа се рефлектира на земјите кандидатки за ЕУ, а особено сето тоа го чувствува на своја кожа нашата држава – Македонија.
Крај
































