Македонско-германската соработка во рамки на НАТО придонесува за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност, а Македонската армија е кредибилен сојузник, се сложиле денеска pретседателката Гордана Сиљановска-Давкова и началникот на вооружените сили на Германија, генерал Карстен Бројер, на средбата во Скопје.
Кабинетот на претседателката соопшти дека Сиљановска-Давкова истакнала дека посетата на генералот Бројер претставува уште една потврда за посветеноста на Алијансата кон стабилноста во регионот и нагласила дека сојузништвото со Германија овозможува изградба на отпорен и интероперабилен одбранбен систем.
Германскиот генерал посочил дека неговата дводневна посета е можност, покрај разговорите со припадниците на Армијата, да оствари средби и со државниот врв, со цел јакнење на единството во НАТО и натамошно унапредување на односите меѓу двете земји.
Бројер ја оценил македонската Армија како кредибилен сојузник, истакнувајќи дека македонските војници рамноправно со своите колеги од земјите членки на НАТО учествуваат во заеднички мисии и активности.
На средбата било констатирано дека, покрај одбранбената соработка, двете држави имаат значителен потенцијал за продлабочување на економските, образовните и културните врски.
Сиљановска-Давкова укажала и на улогата на македонската дијаспора во Германија како важен фактор во унапредувањето на билатералните односи, притоа поздравувајќи ја континуираната германска поддршка за македонските реформски процеси и инфраструктурниот развој на државата.
































