Фото: Емил Јовановиќ

Во Охрид во НУ Библиотека „Григор Прличев“ денеска  беше промовирана најновата книга на истакнатата македонска историчарка, проф. д-р Виолета Ачкоска „Македонија низ вековите.“

На промоцијата д-р Ачкоска беше прогласена и за „Најплоден автор на научни трудови меѓу поетите“. Признанието и’ го додели познатиот кантавтор, поет и естраден уметник Драган Мијалковски, член број еден во клубот „Поетски ноти“ од Битола. Поддршка д-р Ачкоска да го добие ова признание дадоа многу поединци од Македонија и надвор од неа како и многу здруженија и медиуми, меѓу кои и Библиотеката од Охрид.

Книгата „Македонија низ вековите“  е во издание на клубот на писатели „Поетски ноти“ од Битола и претставува сеопфатна синтеза на македонското минато – од праисторијата, преку средновековието, па сѐ до крајот на Втората светска војна.

-Монографијата е поделена во неколку клучни поглавја од кои првото ја опфаќа историјата од праисторијата до средниот век, со посебен акцент на античкото македонско кралство и владеењето на Филип II и Александар III Македонски; второто го опфаќа средновековието (од V до првата половина на XIX век), вклучувајќи го доаѓањето на Словените, дејноста на Св. Климент и Св. Наум, Самоиловото царство, паѓањето под османлиска власт и Карпошовото востание; трето поглавје се фокусира на втората половина на XIX век до Првата светска војна, анализирајќи ги Разловечкото и Кресненското востание, основањето на ТМОРО во 1893 година и Илинденското востание; а четврто поглавје ги опфаќа трагичните воени конфликти – Балканските војни, поделбата на Македонија, Првата светска војна, периодот меѓу двете светски војни и НОБ заклучно со АСНОМ.

Авторката проф. д-р Виолета Ачкоска упати и посебна благодарност до донаторот Вера М Самарјанин која го финансираше печатењето на првиот тираж од 100 примероци.

Доцент, д-р Никола Митровиќ – Бабе после кусиот осврт врз содржината на монографијата поведе дијалог со авторката која понуди интересни одговори за кои присутните ја наградија со долги аплаузи.