Стошевски и Прошев во разгледување на шаховската ретроспектива / Фото: Емил Јовановиќ

ШАХ

Осум победнички партии и само едно реми го одбележаа 1. борбено коло на првото официјално првенство на Македонија за ветерани во шах, во организација на ШКВ Скопје 72, во просториите на „Негорски Бањи“ во Гевгелија.
– Во името на членовите на ШКВ Скопје 72 ви посакувам добро здравје, квалитетни партии и убав престој. Тешко е во ова време да се организира ваков турнир, но ние ветераните сме тврдокорни и не се предаваме. Се надеваме дека ова ќе биде столбот што ќе се надградува и в година и ќе има разбирање кај надлежните институции да сфатат дека ветераните се еден основен темел, кои го вградиле својот живот во шаховската историја на Македонија. Да не беа добрите луѓе, ветерани и видни личности, немаше да го има ни овој турнир – изјави во воведниот говор претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
На првенството учествуваат 18 шахистки, од кои еден велемајстор (ВМ) и тројца ФИДЕ-мајстори (ФМ), резултатите во 1. коло главно се очекувани, а изненадување е само ремито на Борис Јованџиков, кој во остра партија освои половина поен против искусниот ФМ Љубомир Хаџи-Манев. Прворангираниот ВМ Звонко Станојоски забележа сигурна победа против Борис Јаневски.
Турнирот го поздрави и неговиот директор Ѓорѓи Прошев, кој во минатото беше младински првак на Македонија и четврти во поранешна СФРЈ.
– Големо задоволство е да се видат шахистите собрани на едно место каде што се дружат и играат шах. Овој турнир што го организира ШКВ Скопје 72 е голема работа за Македонија и за ветераните, оти и по 60-та година остануваат љубовта и желбата за игра и успех во шахот. Се надевам дека овој турнир во иднина ќе стане традиционален – рече, меѓу другото, Прошев.
Особен интерес кај шахистите и посетителите во турнирската сала, предизвика ретроспективната изложба под наслов: „Тие ја испишуваа историјата на македонскиот шах“, со фотографии од првите шахисти во 50-тите години на минатиот век, како што се Павле Бидев, Благоја Стировски-Џагуре, Јован Софревски, Ристо Ничевски и многу други, па од освојувачите на олимписки медали, како, на пример, Драгољуб Јаќимовиќ, Живко Јаневски во проблемски шах, фотографии од Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година и други.
Резултати 1. коло: ВМ Станојоски (2.366) – Јаневски (1.823) 1-0, Ѓорѓевски (1.789) – Наунов (2.137) 1-0, Петров (2.097) – Брзовски (1.709) 1-0, Ахчиев (1.688) – Стошевски (2.056) 0-1, Андонов (2.054) – Томов (1.636) 1-0, Топалов (1.633) – ФМ Кралевски (2.029) 0-1, ФМ Качаковски (1.987) – Башиќ 1-0, Јованџиков – Хаџи-Манев (1.965) реми, Трајковски (1.881) – Ќосев 1-0. Г.И.