ФУДБАЛ – ФИФА
- Според двојките од полуфиналето, во мечот за титулата би можело да има возбудлив натпревар меѓу селекции од двете страни на Ла Манш, повторување на неверојатното финале од СП 2022 или од ЕП 2024 или меч меѓу актуелните прваци на Европа и на светот, пишува ФИФА
По натпреварите од четврт-финалето, сигурно е само дека 23. издание на Светското првенство (СП) нема да има репрезентација што првпат ќе стане светски шампион, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Трофејот би можел да оди кај Англија или кај Шпанија, кои се обидуваат да додадат втора ѕвезда на својот грб, кај Франција, која се стреми да стане трикратен шампион, или кај Аргентина, која би можела да биде првата селекција од 1962 година што ќе го одбрани трофејот и ќе го оствари својот четврти триумф вкупно, пишува ФИФА.
Секој од нив има голем предизвик, но сега има појасна слика за тоа како би можело да се обликува финалето на СП 2026, откако постојат четири можни натпревари, и тоа возбудлив судир на репрезентации од двете страни на Ла Манш, меѓу Англија и Франција, повторување на неверојатното финале од Светското првенство во Катар, во 2022 година, меѓу Франција и Аргентина, возбудливо повторување на финалето на Европското првенство (ЕП) во 2024 година, меѓу Шпанија и Англија, или судир меѓу актуелните освојувачи на Светското првенство и на Европското првенство, меѓу Аргентина и Шпанија. Со пласманот во полуфиналето на Аргентина, Франција, Шпанија и на Англија, во продолжение се четирите потенцијални финалиња, од кои сите би содржеле богати приказни, пишува ФИФА.
Франција – Англија
Ако Килијан Мбапе и Франција ја победат Шпанија, а селекцијата на Томас Тухел ја победи Аргентина, стадионот во Њујорк/Њу Џерси би бил домаќин на првото финале на светско првенство меѓу овие два европски гиганта. Англија стигна до финалето на фудбалски мундијал само еднаш, кога се сретна со Западна Германија, на домашен терен, во 1966 година, победувајќи со 4-2, по продолженија. Франција, во меѓувреме, би можела да обезбеди трет последователен пласман во планетарно финале, по мундијалите во 2018 и во 2022 година.
Тоа би бил натпревар во кој соиграчи од два од најголемите клуба во светот ќе се соочат еден против друг за една незаборавна вечер. Ѕвездите на Реал Мадрид, Мбапе и Џуд Белингем, би ги вкрстиле мечевите за шанса да го освојат блескавиот трофеј, а Хари Кејн и Мајкл Олисе од Баерн, исто така, би биле на спротивставени страни. Англија, исто така, би била желна за реванш против Франција, која ги елиминира од СП 2022 во четврт-финалето, пишува Светската фудбалска федерација.
Франција – Аргентина
Овој натпревар би означил повторување на возбудливото финале од Светското првенство во 2022 година во Катар. Три и пол години откако Аргентина ја победи Франција на пенали по ремито 3-3 на стадионот „Лусаил“, двете репрезентации повторно би можеле да се борат за да ја освојат најголемата награда во фудбалот. Франција би барала реванш против противникот што ѝ нанесе толку горчлив пораз, а целта на Аргентина би била да додаде четврта ѕвезда на својот грб и да стане првата селекција што го задржала трофејот, по Бразил во 1958 и во 1962 година, пишува Светската фудбалска федерација.
Без оглед на резултатот, ова би била возбудлива средба меѓу Мбапе и Лионел Меси, кои се најдобри стрелци на турнирот со по осум гола. Гледајќи малку подалеку, натпреварот не само што би бил реприза на финалето од 2022 година туку и одлучувачки во серијата „најдобар од три меча“, пишува ФИФА. Четири години пред епското финале во Катар, француската репрезентација, инспирирана од тинејџерот Мбапе, ја победи Аргентина со 4-3 во осминафиналето на СП во Русија во 2018 година, на патот кон освојување на трофејот.
Шпанија – Англија
Ако Шпанија ја победи Франција, а Англија ја победи Аргентина, финалето на Светското првенство годинава ќе биде реприза на спектаклот од Европското првенство во 2024 година. Две години откако Шпанија ја победи Англија со 2-1 во финалето на ЕП 2024, Хари Кејн и другарите ќе имаат шанса да се реваншираат. Англија и Шпанија само еднаш стигнале до финалето на планетарен шампионат, во 1966, односно во 2010 година, и двете репрезентации го освоиле трофејот.
Натпревар на светско првенство меѓу овие две репрезентации би бил редок настан сам по себе. Иако овие европски гиганти се сретнале неколкупати на континенталните натпреварувања, тие само двапати играле еден против друг на светско првенство. Првпат се сретнале во Бразил, во 1950 година, кога Шпанија победила со 1-0 во групната фаза. Повеќе од три децении подоцна тие се сретнаа во 1982 година и одиграа нерешено без голови, што значеше дека двете селекции беа елиминирани.
Шпанија – Аргентина
Ако Шпанија и Аргентина ја поминат последната пречка на патот до финалето во Њујорк/Њу Џерси, тоа ќе биде првиот судир меѓу двете репрезентации по групната фаза на Светското првенство во Англија во 1966 година, кога Јужноамериканците победија со 2-1.
Друга голема привлечност на натпреварот е тоа што тоа би било првото финале на светско првенство во кое ќе се натпреваруваат шампион на Европа и шампион на светот.
Доколку Шпанија триумфира, таа би се израмнила со Франција и со Уругвај со по две светски титули, а победата на Аргентина би била четврта за неа и би ја ставила на исто ниво со Германија и со Италија и една титула помалку од Бразил.
Друга димензија на овој потенцијален натпревар би била тоа што би споил две суперѕвезди од различни генерации, Меси и Ламин Јамал, на различни страни, пишува Светската фудбалска федерација. Н.М.
СП 2026 1/16-ФИНАЛЕ
Германија – Парагвај 1-1 (3-4 п.)
Франција – Шведска 3-0
Јужна Африка – Канада 0-1
Холандија – Мароко 1-1 (2-3 п.)
Бразил – Јапонија 2-1
БСК – Норвешка 1-2
Мексико – Еквадор 2-0
Белгија – Сенегал 3-2
Англија – ДР Конго 2-1
САД – БиХ 2-0
Шпанија – Австрија 3-0
Португалија – Хрватска 2-1
Швајцарија – Алжир 2-0
Австралија – Египет 1-1 (2-4 п.)
Аргентина – Зелено`ртски О. 3-2
Колумбија – Гана 1-0
ОСМИНАФИНАЛЕ
Канада – Мароко 0-3
Парагвај – Франција 0-1
Бразил – Норвешка 1-2
Мексико – Англија 2-3
Португалија – Шпанија 0-1
САД – Белгија 1-4
Аргентина – Египет 3-2
Швајцарија – Колумбија 0-0 (4-3 п.)
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Франција – Мароко 2-0
Шпанија – Белгија 2-1
Норвешка – Англија 1-2
Аргентина – Швајцарија 3-1
ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Шпанија синоќа
Англија – Аргентина 21 ч.
МЕЧ ЗА ТРЕТО МЕСТО
поразени во полуфиналињата сабота, 23 ч.
ФИНАЛЕ
победници на полуфиналињата недела, 21 ч.
































