Ветото како зрелост,не како оружје

  • Во албанската политичка историја постои една сцена од почетокот на 90-тите години на 20 век, кога земјата штотуку излегуваше од ерата на изолационизмот. На една средба со европски дипломати, тогашен албански министер бил прашан дали Албанија ќе го користи правото на блокада против соседите ако некогаш стане дел од европските структури. Неговиот одговор бил краток и речиси наивен: „Ние премногу долго бевме блокирани самите, за да сакаме да блокираме други“. Оваа реченица, иако изречена во време на голема политичка несигурност, денес добива нова смисла преку ставот на Еди Рама. Тој ја претвора таа стара интуиција во конкретна политика: ветото не е оружје за уценување, туку тест за зрелост. Албанија, која некогаш беше изолирана и заробена во сопствените граници, денес сака да биде мост кон Европа, а не пречка за соседите

Изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека Албанија, доколку стане членка на Европската Унија, нема да ја блокира Македонија со вето, е повеќе од обична дипломатска формулација. Таа е сигнал дека Тирана свесно избира европски пат наместо да се потпира на старите националистички амбиции што со децении го држеа регијата во заложништво. Во време кога ветото стана инструмент за уценување, средство за политичко позиционирање и демонстрација на сила, Рама јасно порача дека Албанија нема да го користи како оружје против соседите, туку како доказ за зрелост и европска ориентација. Овој став добива уште поголема тежина ако се земе предвид вториот акцент: одлуката да не им се дозволува влез во Албанија на личности со националистички видувања. Тоа не е само административна мерка, туку политичка декларација дека оваа албанска влада се дистанцира од реториката за „голема Албанија“ и се стреми кон европски стандарди на политичка култура. Со оваа позиција, Рама испраќа порака дека иднината на Албанија не е во етнички митови и историски фантазии, туку во интеграција, соработка и градење мостови со соседите.
Историски гледано, албанскиот национализам и шовинизам, заедно со иредентизмот и сепаратизмот, многу често биле фактор на нестабилност во регионот, носејќи со себе визии за етничко обединување, кои повеќе создавале конфликти отколку решенија. Од идејата за Призренската лига во 19 век, која ја постави основата за политичка мобилизација околу концептот на „етничка целост“, па преку периодите на Балканските војни кога националистичките амбиции се судрија со интересите на големите сили, до Втората светска војна, кога идејата за етничко обединување повторно се користеше како инструмент за политичка и воена експанзија – секој од овие историски моменти остави длабоки траги на регионалната стабилност. Во постјугословенскиот период, националистичките визии за „голема Албанија“ повторно оживеаја, особено во контекст на конфликтите на Косово и тензичните односи со соседите, како и воениот конфликт во Македонија од 2001 година. Наместо да создаваат услови за мир и соработка, тие редовно продуцираа нови линии на поделба и недоверба. Токму затоа денешната позиција на Еди Рама е пресвртница: со јасно дистанцирање од историската матрица на екстремниот национализам, тој ја поставува Албанија на европски колосек. Ова не е само политичка стратегија туку и симболична порака дека државата е подготвена да ја надмине својата историска сенка и да се движи кон иднина заснована на интеграција, стабилност и заеднички европски вредности.

Секако, Еди Рама не е политичар без проблеми. Албанија денес се соочува со протести што го разголуваат незадоволството на граѓаните, социјални тензии што ја тестираат издржливоста на институциите и економски предизвици што ја ограничуваат динамиката на развојот. Корупцијата, невработеноста и миграцијата остануваат хронични болки на албанското општество, а политичката сцена често е обременета со остри поларизации и недоверба меѓу власта и опозицијата. Но токму во вакви услови неговата европска агенда добива на тежина. Таа не е само декларативна заложба туку и визија за надминување на внатрешните кризи преку стабилност, институционално зајакнување и интеграција во пошироката европска заедница. Рама ја претставува ЕУ како рамка во која Албанија може да најде механизми за борба против корупцијата, за економска модернизација и за создавање нови можности за младите генерации. Во суштина, европската агенда е обид да се пренасочи енергијата на државата од внатрешни конфликти кон заеднички цели, да се замени националистичката реторика со прагматична политика на соработка и да се изгради доверба дека иднината на Албанија е во заедничкиот европски дом.

Овој пример треба да биде патоказ и за другите албански политичари во регионот — од Косово до Македонија. Историјата покажува дека националистичките митови, колку и да изгледаат привлечно за моментална мобилизација, секогаш завршуваат со поделби и конфликти. Наместо да се хранат со тие митови, албанските партии и лидери треба да ја следат линијата на европската ориентација, да градат мостови наместо ѕидови, да создаваат доверба наместо сомнеж. Само така албанската политика ќе може да се позиционира како фактор на стабилност, а не како извор на нови кризи. Во време кога Балканот е премногу често заробен од националистички реторики и историски реваншизам, секој чекор што води кон интеграција и оддалечување од екстремизмот мора да се препознае и нагласи. Европа не е совршена, но е единствениот простор каде што малите држави можат да најдат рамноправност, сигурност и перспектива за развој.
Албанија, со вакви политики, покажува дека е подготвена да оди по тој пат. Ако оваа насока ја следат и другите албански политички елити во регионот, тогаш визијата за Балкан како простор на соработка и заедничка европска иднина ќе стане реалност, а не само реторичка декларација.