Фото: „Нова Македонија“

Дали се препознаваат индикатори дека Македонија влегува во нова ера на државна кохезија

  • Изјавата на Еди Рама, новата американска стратешка рамка, сè појасните сигнали дека нема простор за менување на границите и постепеното приспособување на регионалните лидери на таа реалност можеби се само првите контури на една нова политичка архитектура. Доколку е така, тогаш Македонија има историска можност да стане пример дека мултиетничноста на општеството не е слабост туку политички капитал за силна и просперитетна унитарна држава

Во политиката, особено на Балканот, пресвртот ретко доаѓа преку еден драматичен настан. Почесто, големите промени почнуваат со низа мали сигнали, кои, разгледувани одделно, изгледа дека се случајни, но заедно откриваат нова стратегија.

Политичките сигнали што не треба да се потценат

Во последните недели се појавија неколку такви сигнали што заслужуваат сериозна анализа. Имено, изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека „Албанија никогаш нема да стави вето на европскиот пат на Македонија“, претставува нешто повеќе од дипломатска куртоазија.
– Тоа е порака од врвот на Албанија дека Тирана не сака да ја користи европската интеграција како средство за политички притисок врз својот сосед. Истовремено, доколку се потврдат информациите дека изречената забрана за влез на некои политички субјекти од Македонија во Албанија значи „ограничување на одредени етноцентрични политички активности на одредени претставници на македонските албански партии на албанска територија што ги загрозуваат обете држави со некакви големодржавни анахрони проекти“, тоа би можело да се чита како уште еден сигнал дека Албанија сака да ја повлече јасната линија меѓу грижата за сонародниците и директното влијание врз внатрешната политика на Македонија – велат наши соговорници, политички аналитичари, добри познавачи на политиките во албанскиот кампус.
Меѓутоа, прашањето што се наметнува како следно е дали овие потези се изолирани или претставуваат дел од поширока геополитичка реконфигурација на Балканот.

Вашингтон ја затвора вратата за нови балкански прекројувања

Еден од најзначајните, а можеби и најмалку анализиран процес е промената во американската стратегија кон Западен Балкан, за што „Нова Македонија“ детално извести и анализираше во декември минатата година. Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година и другите стратешки документи што ја обликуваат американската политика кон регионот испраќаат недвосмислена политичка порака
– Споменатиот закон на САД потпишан од претседателот Трамп е дециден дека нема поддршка за менување на границите, за етнички поделби, за размена на територии или за какви било „корекции“ што би ги довеле во прашање меѓународно признаените државни граници. Тоа практично значи дека Вашингтон ја затвора вратата за сите концепти што во изминатите години периодично се појавуваа во политичкиот простор, било да станува збор за идеи инспирирани од големодржавни национализми, било за сецесионистички иницијативи што се претставуваат како демократски или интеграциски процеси. Пораката не е упатена само кон Србија и Косово. Таа е еднакво релевантна и за Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Албанија, подвлекуваат нашите соговорници, сакајќи пластично да ја опишат политиката на Вашингтон за регионов од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Во суштина, Вашингтон со педантна прецизност испраќа сигнал дека иднината на регионот не се гледа во нови етнички инженерства, туку во зајакнување на институциите, владеењето на правото и економската интеграција.

Дали балканските лидери веќе ја приспособуваат својата политика?

– Во меѓународните односи постои едно непишано правило, а тоа е кога најмоќната држава во светот ќе воспостави јасна стратешка рамка, регионалните политички елити почнуваат постепено да ги усогласуваат своите политики со новата реалност. Токму низ таа призма може да се анализираат и последните пораки од Тирана. Албанија денес има сосема поинакви приоритети од оние пред две децении. Европската интеграција, економскиот развој, странските инвестиции и стабилноста на регионот се далеку поважни од симболичните национални агенди. Тоа не значи дека Тирана се откажува од интересот за положбата на Албанците во соседните држави. Но значи дека тие интереси сè повеќе се артикулираат низ поддршка за стабилни институции и функционални демократии, а не преку политики што би можеле да создадат нови регионални тензии, не сакајќи ниту да штетат на своите односи со САД или да се спротивставуваат. Тие не сакаат ни да си наштетат себеси на својот евроинтеграциски процес со „политички екскурзии на иредентизам или големодржавни проекти“, кои Брисел ќе ги смета за начин преку кој се влошуваат, а не се подобруваат меѓусоседските односи, што е услов за евроинтегративниот процес – анализираат нашите соговорници.

Од етничка мобилизација кон државна кохезија

За Македонија ова отвора можеби најголема политичка можност од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Доколку навистина слабее влијанието на надворешните фактори што со години беа перципирани како политички покровители на одделни етноцентрични и големонационални агенди, тогаш природно се отвора простор домашната политика да се ослободи од постојаната етничка мобилизација. Тоа би значело постепено префрлање на политичкиот натпревар од етничките теми кон економијата, борбата против корупцијата, демографската криза, енергетиката, дигитализацијата, образованието и здравството.
– Всушност, има прашања што не познаваат етничка припадност. Иселувањето ги празни македонските, албанските, турските и српските села со иста динамика. Корупцијата не прашува кој јазик го зборува граѓанинот. Ниските приходи не прават разлика меѓу етничките заедници. Таму се создава вистинскиот заеднички интерес – сликовито го опишуваат овој феномен нашите соговорници, политички аналитичари од албанскиот кампус.

Македонскиот и албанскиот политички кампус пред нов историски избор

Можеби токму денес пред македонските и албанските политички партии стои најважното прашање по 2001 година. Дали ќе продолжат да градат политички капитал преку стравовите и поделбите од минатото или ќе изградат нов модел на партнерство засновано врз заедничките државни интереси? Тоа не значи бришење на етничките идентитети. Напротив. Тоа значи нивно сместување во рамките на функционална држава во која лојалноста кон сопствената етничка заедница не е во судир со лојалноста кон државата. Таквиот модел веќе функционира во голем број европски демократии. Прашањето е дали Балканот конечно е подготвен да го прифати. Можно е историчарите по една деценија токму овој период да го означат како момент кога Балканот почнал да се оддалечува од политиките на етничка географија и да се приближува кон политиката на државна кохезија.
Изјавата на Еди Рама, новата американска стратешка рамка, сè појасните сигнали дека нема простор за менување на границите и постепеното приспособување на регионалните лидери на таа реалност можеби се само првите контури на една нова политичка архитектура. Доколку е така, тогаш Македонија има историска можност да стане пример дека мултиетничноста на општеството не е слабост, туку политички капитал за силна и просперитетна унитарна држава.
На крајот, најсилните држави не се оние што имаат најголема територија, туку оние што успеваат да ги обединат различните идентитети околу заедничка визија. Ако Вашингтон навистина ја затвора страницата на балканските територијални ревизионизми, тогаш пред регионот се отвора ново поглавје, во кое успехот нема да се мери со тоа кој ќе освои повеќе територија, туку кој ќе изгради повеќе доверба меѓу своите граѓани.
– Токму тука се крие можеби најголемата шанса за Македонија. Да ја претвори својата општествена мултиетничност од извор на политички конфликти во темел на модерна, кохезивна, унитарна, функционална и стабилна европска држава – заклучуваат нашите соговорници. Р.М.


Рама: Балканот има иднина само преку соработка

Новите изјави во јавноста од вчера и изминативе денови на албанскиот премиер Еди Рама ја ревитализираа дебатата за регионалната соработка на Западен Балкан и за потребата од надминување на анахроните идеи и политичките предрасуди. Рама, во телевизиско интервју, осврнувајќи се на иницијативата „Отворен Балкан“, оцени дека „иницијативата била неправедно критикувана пред сè поради тоа што зад неа стоеле тој и српскиот претседател Александар Вучиќ, а не поради нејзината суштина“. Според него, „идејата за поголема економска и политичка поврзаност меѓу земјите од регионот заслужува објективна оцена, бидејќи може да придонесе за побрз развој, заемна помош и поголема доверба“. Во истиот дух, Рама позитивно ја оцени трансформацијата на Црна Гора, истакнувајќи дека таа е пример за напредок, но и дека регионот има уште многу работа на патот кон европската интеграција.
Неговата порака дека Европа денес има потреба од Западен Балкан исто колку што Балканот има потреба од Европа ја нагласува визијата за партнерство, меѓусебно уважување, разбирање и за заеднички пристап кон евроинтеграциите. Во основата на оваа визија е убедувањето дека регионалната соработка не е алтернатива, туку важен чекор кон полноправно европско членство. Р.М.