Фото: ЕПА

ГЕОПОЛИТИКАТА И ТРЕНДОВИТЕ ВО ЕУ – ДОЛГОТРАЈНИОТ ПРОЦЕС НА ТРАНЗИЦИЈАТА НА БРИСЕЛ НОСИ ГОЛЕМИ ПРЕДИЗВИЦИ

  • Планот на Мерц, поддржан и од Макрон, за пробно членство на кандидатите, зад кој стојат и земјите основачки на Европската заедница за јаглен и челик, наиде на нож од Италија. Таа е единствена од основачите на ЕУ што е против таквиот план и се залага за рамноправен статус. Со тоа само се потврдија линиите на длабока поделба и партиска поларизација во Европа
  • ЕУ поминувала низ промени, кризи и транзиции, но крахот на европската идеја се случи во 2005 година, кога на референдум Холандија и Франција гласаа против европскиот устав. Како стои Европа 20 години по тој крах? Што може да значи тоа за македонските аспирации?

Европското статистичко биро во последното истражување на јавното мислење потврдува дека трендот за проширување на Европската Унија (ЕУ) не е умрен – 53 проценти од испитаните граѓани на Унијата се изјасниле позитивно, додека 40 проценти биле против. И навидум оваа статистичка цифра на некој начин влева надеж дека е можно во ЕУ да влезат нови членки, меѓу нив и вечната кандидатка Македонија. Но само навидум, затоа што бројките можат да нè одведат на погрешен пат како многупати досега. А, треба да се прашаат и политичките елити. Денес токму тие се во една опасна поларизирачка позиција, при што засега центарот уште ги држи конците меѓу двата крајни пола – тој на левицата и тој на десницата.

ВАЖНИ ИСТОРИСКИ ЕУ-МАРКЕРИ

Европа и Европската Унија се во постојана транзиција, а понекогаш и длабоки револуционерни промени, па и војни, и затоа кога сега, во овој момент на геополитички промени, ја анализираме иднината на ЕУ, треба да ги земеме предвид тие историски маркери. Почетокот е Европската заедница за јаглен и челик создадена со Парискиот договор од 1951 година, чии земји основачки се Франција и Западна Германија (Роберт Шуман рекол за да нема повеќе војна), потоа Италија и земјите од Бенелукс: Белгија. Луксембург и Холандија. Кога се прават анализи за тоа кој е каде и колку му тежи зборот за прашања од европските интереси, секогаш треба да се има предвид значењето на овие земји.

ЃАВОЛОТ ВО БРОЈКИТЕ НА ЕВРОБАРОМЕТАР

Каде лежи ѓаволот во овие бројки на Евробарометар? Најголема поддршка за прием на нови членки има традиционално во скандинавските и балтичките земји, но и во Шпанија, каде што цели 71 отсто од испитаниците рекле „да“. Шпанија, пак, сега се гледа и на радарот на најновата амнестија, која се очекува да се обелодени, со која треба да им се даде легален статус на стотици илјади мигранти. Но тоа е Шпанија, која се издвојува по тоа прашање. Изразено мнозинство за проширувањето има и во Словачка, Полска, Италија, Хрватска, додека во Холандија и во Белгија е некаде пола-пола. И, еве, сега ќе излезе ѓаволот од Евробарометар – мнозинството граѓани во двете најголеми држави Германија и Франција не се расположени ЕУ и понатаму да ги шири своите граници. Во Германија 43 отсто се „за“, додека 53 проценти се против, а во Франција само 35 проценти од граѓаните се „за“. Навидум ова е лош резултат, намалена надеж за земјите кандидати, но ако се анализира поддршката на одделни земји, тогаш може да дојдеме и до катастрофални резултати и показатели. Но не се само Франција и Германија со огромно мнозинство што се противи на проширувањето, во таа група спаѓаат и Австрија и Чешка.

ДАЛИ ПЛАНОТ НА МЕРЦ ГО ЧЕКА СУДБИНАТА НА ЕВРОПСКИОТ УСТАВ?

Гледајќи го ова расположение кај членките на ЕУ, се чини разумен предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц да се смени начинот на прием на нови членки со прескокнување на моделот на гласање со консензус, односно еден вид лек против ветократијата во Брисел, и најпрвин на тие нови членки да им се даде некаков статус на пробно членство без одреден рок на траење. Идејата не е нова и таа се провлекува уште од периодот кога се правеше еден од најнеуспешните проекти во поновата историја на ЕУ – европскиот устав. Вреди и за тој процес да се потсетиме за да ја видиме уште еднаш климата во Европа. Со донесувањето на европскиот устав ЕУ требаше да направо квантен скок. Сѐ беше готово, Уставот скроен и ставен во процес на ратификација, но потона како „Титаник“, и тоа токму поради изразената волја на граѓаните во двете клучни ЕУ-членки – Франција и Холандија. На референдумите во 2005 година мнозинството граѓани му кажаа „не“ на уставниот договор, со што ЕУ продолжи да живее со старите болести. Двете нации јасно ја искажаа својата волја дека не сакаат да загубат од својата национална гордост.
А, што е со земјите што тропаат на вратите на Брисел? Останува нејасно. Проектот Европа од Лисабон до Владивосток е мртов. Иако од таа 2005 година влегоа нови членки во ЕУ, сепак од Брисел многупати рекле и повториле дека било најголема грешка што во клубот ги примиле Бугарија и Романија, при што како најголем проблем на врат им се става високата корупција. Едно истражување од 2001 година спроведено токму во Холандија покажува дека 57 проценти од Холанѓаните се чувствуваат како Европејци, но само 32 проценти имаат блискост со ЕУ. Евроскептицизмот во Холандија почнува драматично да расте од 1990 година, а во основа таквата реакција се должи на парите што Холандија ги издвојува во касата на Брисел, која, според БДП по жител, е најголема. Парите го вртат светот, па зошто ЕУ би била исклучок?!

МАКЕДОНИЈА И ХРВАТСКА ШАМПИОНИ, НО САМО ЕДНА ОСТАНА ВО ЧЕКАЛНИЦАТА

Ќе изнесеме и едно индикативно истражување на јавното мислење, повторно од Холандија, од 2008 година, кога е мерена поддршката за членство на земјите кандидати. Во групата земји во која се БиХ, Албанија, Македонија, Србија, Хрватска, Косово и Црна Гора убедливо најголема поддршка граѓаните им дале на Хрватска (60 проценти „за“, а 30 против) и на Македонија (53 „за“ и 38 против). Разликата во однос на другите земји изнесува и повеќе од десет проценти, и со право би рекле Хрватска и Македонија биле шампиони. Само Хрватска стана членка. Вториот шампион, Македонија, е стручно опериран според народната – операцијата успешна, пациентот умрен. Затоа што иако со договорот од Луксембург, темелниот акт на ЕУ, преговорите се одвиваат според критериумите од Копенхаген, за Македонија се поставија дополнителни услови, кои се спротивни на нејзините национални интереси и, како што рековме погоре, национална гордост. Но Франција и Холандија се демократски држави и тие ја почитуваат волјата на народот изразена на референдум. Како беше во Македонија? Кој измисли реченица дека „референдумот е консултативен“, нешто што Уставот и законите во земјата не го препознаваат, едноставно го нема?! Имаше ли злосторство и казна?

КРАХОТ ВО 2005 ГОДИНА И ШТО ДА СЕ ОЧЕКУВА ВО 2026 ГОДИНА

Да подвлечеме – големиот крах на европската идеја се случи во 2005 година.
Како стои ЕУ во 2026 година? Крахот, според сите внатрешни случувања, но овој пат и сериозни надворешни влијанија, пред сè од САД, Русија и Кина, може да биде катастрофален. Еден од индикаторите се секако присуството и учеството на Украина на парадата во Париз за Денот на Бастилја. Јасна порака од Париз и од претседателот Макрон дека Франција, тоа би требало да значи и ЕУ, е зад Зеленски и украинскиот народ и против Русија. Европа е во фаза на голема милитаризација и се движи кон директен конфликт со Русија, но и нејзините поддржувачи. Во денешниот свет никој не е сам. Внатрешната политичка поларизација, пак, не гарантира демократска транзиција во одредени општества, ниту, пак, мазно спроведување извесни политики. Ако од една страна милитаризацијата значи земање пари од социјални програми, образование, или спорт и наука, поларизацијата значи или може да значи и посериозна конфронтација. Кога кон ова ќе се додаде проблемот со миграциите, можеме да прогнозираме дека за Европа нема мирен период. Економските индикатори што најавуваат криза ќе бидат дополнителен детонатор на кризни појави.

ЦЕНТАРОТ УШТЕ ГИ ВЛЕЧЕ КОНЦИТЕ НА ЕВРОПСКАТА КРАЈНА ЛЕВИЦА И ДЕСНИЦА

Европската левица, која во САД на пример се гледа како „комунизам“, и Патриотите на Европа, крајна десница, веќе имаат големо влијание врз донесувањето одлуки во Брисел и во Стразбур. Како својата победа Патриотите ја нарекоа промената за законот за азил, но под нивен притисок и наметнување идеи се случуваат и други промени. Многу важно, и звучи можеби апсурдно – токму Патриотите се против војна со Русија. Напротив, тие сакаат соработка. Тие се суверенисти, за контролирана миграција, но и за ремиграција (враќање назад на нелегалните мигранти), за зачувување на правото на вето, проверка на зелените закони и против воена ескалација. Левицата во суштина е против растот на десницата, што е нормално, но во едно се совпаѓаат со Патриотите – и тие не сакаат воена ескалација, милитаризација на Европа и се против воено финансирање на Украина. Но Орбан го тргнаа, па парите ќе течат и како крв за фронтовите во Украина.
Во ваква поларизирана и наелектризирана Европа јасно е дека процесот на проширување е исто така во некоја идентитетска криза. Предлогот на новите членки да им се одземе правото на вето и да им се даде табличка за пробно возење низ внатрешните граници на Унијата звучи прифатливо, особено за Еди Рама (прагматичен приод), но први скокнаа Италијанците, кои рекоа не за пробно членство. Тие се за тоа сите да бидат рамноправни. Значи процесот е повторно заглавен? Интересно, од сите основачи на Европската заедница за јаглен и челик, само Италија е против овој предлог за некое пробно членство. Затоа, пак, Италија ја предводи групата на земји наречена факултативно „пријатели на Западен Балкан“, со што се подвлекоа одамна исцртаните линии на внатрешните европски поделби.
Како да се најде заеднички содржател на сите овие прашање? Тешко, но тоа може да се случи по еволутивен пат, односно на изборните процеси да дојдат работите на свое место. Големиот тест е сепак во двете големи држави и нации – Франција и Германија. И во двете земји десницата маршира сѐ погласно. Уште отсега како фаворит за претседателските избори наредната година во Франција се гледа Марин Ле Пен, значи тешка десница, а во Германија Алтернатива за Германија (АфД) на национално ниво има убедлива предност пред ЦДУ во сите анкети. Доколку тие сили дојдат на власт, што е можно, проширувањето на ЕУ може да се сведе на симболичко значење.

ЕВОЛУЦИЈА ИЛИ ВОЈНА?

Но еволуцијата е бавен процес, па затоа можно е промените да дојдат и во вид на сериозен конфликт, па дури и до директна војна меѓу ЕУ, поддржана од некои од своите сателити со статус на земји кандидати (во суштина НАТО), со Русија и со некои од Заедницата на независни држави. Притоа имаме предвид дека во ЗНД се и членки што се клатат, како што се Молдавија, Грузија и Ерменија, со што сценариото за нова голема војна во Евроазија ќе значи и глобален лом, но и со голема веројатност некои држави или да ги снема од мапата или географски сериозно да се изменат.