„Илинденски денови“, 56. издание од 14 до 31 јули во Битола
- Фестивалот „Илинденски денови“ донесува богата уметничка, научна и едукативна програма, а 56. издание ќе започне со настап на „Нингбо симфони оркестра“ од Кина под мотото „Точка на поврзување“
Битола од 14 до 31 јули ќе биде центар на светската фолклорна и културна сцена со 56. издание на интернационалниот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, кој годинава ќе понуди најдолга фестивалска програма во својата историја.
„Точка на поврзување“ со „Нингбо симфони оркестра“ од Кина
Фестивалот започнува денеска (14 јули) со свечен настап на „Нингбо симфони оркестра“ од Народна Република Кина, еден од најзначајните современи симфониски оркестри во земјата. Покрај концертот, членовите на оркестарот ќе одржат и работилница, со што уште на почетокот ќе бидат нагласени меѓународната соработка и културната размена.
„Нингбо симфони оркестра“ од Народна Република Кина е основан во 2015 година, оркестарот за кратко време стана значаен амбасадор на кинеската музичка култура, со настапи на престижни европски сцени и меѓународни културни настани, меѓу кои и концерт во седиштето на Обединетите нации во Женева. Покрај свечениот концерт, музичарите ќе одржат и работилница, со што фестивалот уште од првиот ден испраќа силна порака за меѓународна соработка и културен дијалог.
– Особена чест е што токму најдолгото издание на фестивалот го отвора еден од најзначајните кинески симфониски оркестри. Тоа е потврда дека „Илинденски денови“ одамна се меѓународна културна платформа што ги поврзува луѓето, традициите и уметноста од целиот свет – истакнува директорот на НУ Центар за култура – Битола и претседател на Советот на фестивалот, Сашо Илковски.
Соклевски: Фестивалот „Илинденски денови“ има исклучително важна улога во зачувувањето и промовирањето на нематеријалното културно наследство
Долгогодишниот програмски координатор Валентин Соклевски посочува дека фестивалот повеќе од пет децении има важна улога во зачувувањето и промовирањето на нематеријалното културно наследство, но и во создавањето простор каде што традициите се среќаваат и добиваат нови значења.
Покрај вечерите на традиционална музика и игра, фестивалот годинава носи многубројни изложби, концерти, етнографски филмови, научни презентации, семинари, работилници, детски програми, фестивалски карван и улични перформанси, со што Битола ќе понуди една од најбогатите фестивалски програми во својата историја, нагласува Љупка Стефановска, која детално ги претстави програмските содржини што ќе се реализираат од 14 до 31 јули.
Годинава фестивалот го носи мотото „Точка на поврзување“, а визуелниот идентитет е инспириран од македонската и интернационалната народна носија, како и од глуварчето чии семиња симболизираат движење, размена и поврзување меѓу културите. Исто како што „Илинденски денови“ веќе 56 години ги поврзуваат културите, традициите и луѓето од сите страни на светот.
Во рамките на програмата ќе бидат вклучени и голем број содржини за различни генерации, со што Битола во текот на фестивалските денови ќе стане место за средба на традицијата, современата уметност и на културите од целиот свет.
Битола во наредните денови повторно ќе биде домаќин на светот и ќе испише уште едно поглавје од фестивалската приказна што трае повеќе од половина век.
Содржини на „Илинденски денови“: изложба „Традиционална уметничка резба“, изложба на фотографии „Од Ат пазар до Дрвен пазар“, изложба на носии од интернационалните ансамбли – гости на фестивалот, Семинар за традиционална музика и игра, изложба и работилница „ Традиционален накит од светот“…
Во рамките на фестивалот, во Заводот и музеј – Битола, на 15 јули во 20 часот, ќе биде отворена изложбата – „Традиционална уметничка резба“, која е 71. изложба на Здружението на копаничарите на Македонија. Другиот ден на 16.7.2026 во 20 часот во Безистенот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Од Ат пазар до Дрвен пазар“. На 17 јули во 2026 година во КЦ Магаза – Битола, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Допри ја традицијата“ на Благој Мицевски.
Изложбата на носии од интернационалните ансамбли гости на фестивалот „Илинденски денови“ – Битола е закажана за 26 јули во КИЦ – Офицерски дом Битола во 19.30 часот.
Концертот во чест на Васка Илиева – „Од Македонија во туѓина“ на Елена Андоновска – ќе се одржи на платото на Офицерскиот дом – Битола во 21 часот.
Семинарот за традиционална музика и игра и промоцијата на „Зборник на трудови XVIII“ се на 27 јули во НУ Центар за култура – Битола, мала сала, од 10 часот.
На фестивалот има и „Изложба и работилница за традиционален накит од светот“ на културниот центар „Сесвети“ – Загреб, Хрватска, и МХК – Хрватски центар „Марко Марулиќ“.
Дефиле низ Битола: „Со песни и игри низ битолските улици“
И она што најмногу им се допаѓа на битолчани и гостите е дефилето „Со песни и игри низ битолските улици“, кое започнува од Саат-кулата, плоштадот „Магнолија“, Широк сокак, во 18.30 часот.
Свеченото отворање на 56-от републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола ќе започне со култната изведба на орото „комитско“ од КУД „Илинден“, а вечерта ќе продолжи со богата програма на традиционална музика и игри во изведба на ансамбли од земјава и од странство.
За „Фолклорната прошетка низ светот“ и дневните настапи „На пладне во чаршија“, „Музика и танц на Широк сокак“, интернационални фолклорни презентации и мастеркласови ќе се погрижат ансамблите од Македонија и од странство. Меѓу гостите од странство ќе настапат: ансамблот „Кансамбл“ од Најмеген (Холандија), Уметничкото училиште ТЕБЛАБ со групите „Бокрета“ и „Кендеркоц“ од Будимпешта (Унгарија), ансамблот „Балет сабор борикуа“ од Агвадиља (Порто Рико), ансамблот „Мераклидес“ од Агринио (Грција), фолклорниот ансамбл „Топлан“ од Гиралтовце (Словачка), ансамблот „Венецуела данза и тамбор“ од Корал Спрингс, Флорида (САД) и ансамблот „Флаинг џорџијанс“ при Државниот универзитет „Иване Џавахишвили“ од Тбилиси (Грузија).
Тони Гламчевски
































