АТЛЕТСКА БАЛКАНИЈАДА ЗА МЛАДИНЦИ
Македонските репрезентативци предводени од тренерите Ѓорѓи Вучков и Божурка Ѓошевска забележаа одлични настапи на Балканското првенство (БП) во атлетика за младинци (до 20 години), кое се одржа во Крајова (Романија). Македонските атлетичари освоија еден сребрен медал, а поставија два нови младински национални рекорда и неколку лични рекорди.
Сребрен медал освои женската штафета на 4х100 метри (Ева Митевска, Тамара Атанасовска, Лина Исени и Марта Димковска), со нов младински македонски рекорд (48,95 секунди), надминувајќи го претходниот рекорд, од 1999 година. Брајан Авиа постави нов младински македонски рекорд во скок во далечина (7,15 метри), подобрувајќи го сопствениот рекорд за четири сантиметри, што беше доволно за шесто место. Во скок во височина Авиа го освои одличното петто место (2,04 метри).
Иван Поповски постави нов личен рекорд во скок во височина (1,91 метар), освојувајќи го деветтото место. На 100 метри, Митевска постави нов личен рекорд (12,40 секунди) и го освои 11. место, а Атанасовска со нов личен рекорд (12,63 секунди) го освои 13. место. Димковска беше 10-та на 400 метри (59,84 секунди), а Исени е 12-та во скок во далечина (5,23 метри), информираат од Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Г.И.































