Вчера во 19:35 часот на патот Тетово-Гостивар поточно пред клучка Врапчиште од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи на МВР со специјално возило пресретнувач беше измерена брзина на движење на возило од 179 километри на час каде брзината на движење е ограничена со сообраќаен знак на 80 километри на час, информираше Министерството за внатрешни работи.
– По насоки на јавен обвинител возачот Л.М.(27) од Тетово е лишен од слобода а возилото кое го управувал марка „мерцедес” со тетовски регистарски ознаки е одземено за понатамошна постапка. Против возачот Л.М. од Тетово се преземени соодветни мерки и ќе се соочи со законски предвидената санкција по член 297-а од Кривичниот законик – велат од МВР.
Оттаму нагласуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период на територијата на целата држава, со цел санкционирање на сторителите.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што заеднички ќе придонесеме за побезбедни патишта – велат од МВР.


































