Цените на нафтата повторно се во нагорна линија, додека азиските берзи забележаа претежно пад по новите воздушни напади на САД врз Иран и возвратниот одговор на Техеран, јавуваат американските медиуми.
Цената на нафтата од типот „Брент“ од Северното Море се зголеми за 4,7 проценти и достигна 79,59 долари за барел, додека американската сурова нафта WTI поскапе за 4,8 проценти, на 74,85 долари за барел.
Цените на нафтата претходно се вратија на приближно предвоените нивоа откако двете страни постигнаа привремен договор за прекин на конфликтот и пратките на нафта преку Ормуската Теснина продолжија.
Меѓутоа, САД почнаа нови бранови воздушни напади против Иран во текот на ноќта во неделата по иранскиот напад врз контејнерски брод во Ормуската Теснина, кој се запали и еден член на екипажот беше исчезнат.
Потоа Иран возврати со напади врз повеќе земји на Блискиот Исток, повторно предизвикувајќи загриженост за безбедноста на клучната поморска рута за глобалната трговија со енергија.
Инвеститорите на „Волстрит“ сега го насочуваат своето внимание кон претстојната сезона на објавување на деловните резултати на американските компании, особено големите банки, вклучувајќи ги Bank of America, Citigroup, JP Morgan Chase, Goldman Sachs и Wells Fargo.
Новите тензии на Блискиот Исток дополнително ги замаглија изгледите за цените на енергијата и инфлацијата. Повисоките цени на нафтата би можеле да ги поттикнат централните банки, вклучително и Федералните резерви на САД, да ги задржат или зголемат каматните стапки, што би можело да го забави економскиот раст и негативно да влијае на инвестициите.
На валутните пазари доларот зајакна во однос на јапонскиот јен и се тргуваше за 162,10 јени за долар, додека еврото благо ослабе на 1,1405 долари, пренесуваат американските медиуми.
































