„Живи артефакти – Трансценденција“ од прилепскиот академски мултимедијален уметник Филип Јовески деновиве е отворена во ликовната галерија на КИЦ во Тирана, Албанија. Проектот „Трансценденција“ е трет дел од циклусот „Живи артефакти“ и е логично визуелно и концептуално продолжение на првонаградените мултимедијални дела на уметникот на изданието „Остен биенале 2024“ и на проектот „АРтистика“ од 2025 година.
– Во конципирањето на циклусот, авторот останува доследен на постулатите воспоставени во претходните етапи, при што како примарен обединувачки елемент на трилогијата се издвојува фузијата на традиционалниот сликарски израз со дигиталната сфера преку аугментираната реалност. Покрај оваа интермедијална верига, Јовески ѝ останува верен на својата определба: есенцијалната инспирација и ликовниот мотив да ги црпи од македонското народно творештво. Земајќи ги како почетна точка препознатливите обрасци и колоритот на ткаенините и везовите, тој им вдахнува нова, специфична ликовност, врежувајќи го во нив својот автентичен авторски печат. Идејните премиси што Јовески ги заговара уште во претходните остварувања, во „Трансценденција“ добиваат уште посилна и појасна артикулација. Со изборот на геометриската апстракција како стожерна тематика, а цртежот како примарно ликовно средство, првичниот впечаток пред овие дела е нагласениот рационализам во нивната структурална изградба. Сепак, целосната естетска и семантичка смисла може да се доловат само доколку композициите се перципираат интегрално и во строго дефиниран редослед. Преку ваквото континуирано набљудување станува евидентна еволуцијата на творечката мисла, манифестирана како во композициски така и во хроматски контекст – забележува Александар Василески, доктор по хуманистички науки од полето на историјата на уметноста и археологијата и куратор на проектот.
Отворањето на изложбата помина одлично, а „живите“ артефакти претставуваат код, симбол и дестилација на надредени концепти и идеи, направени врз основа на лично искуство на авторот во областа на визуелните уметности, архитектурата, културното наследство, скулптурата, анимацијата и видеоуметноста, отелотворени во различни медиуми (класични и дигитални) и претставени со помош на AР (аугментирана реалност) технологии.
Отворањето на изложбата во Тирана беше поддржано од Министерство за култура и туризам.
М-р Филип Јовески е наградуван мултимедијален трансдисциплинарен визуелен уметник, кој инспирацијата за своето творештво ја наоѓа во спојот на секојдневното и фантастичното, традиционалното и модерното, уметноста и технологијата, креативната перцепција и научното истражување. Има остварено уметнички студиски престои во Германија, Русија, Чешка и Англија. Реализирал самостојни изложби во Германија, Грција, Србија и Македонија, и учествувал на повеќе интернационални групни изложби, проекти, уметнички колонии, меѓу кои и последната во Дебрца, Охридско, и биеналиња. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ и ДЛУП, а неговите дела се наоѓаат во јавни институции и приватни колекции во Македонија, Германија и Англија. Ка.М.


































