По седумнаесетти пат, Патувачкото кино на „Македокс“ тргнува на пат, натоварено со документарни приказни и подготвено за проекции под отворено небо. До 17 јули карванот на Патувачкото кино ќе помине низ шест населени места и градови, продолжувајќи ја својата мисија да го донесе документарниот филм на големо платно до места каде што ретко има можност да стигне.
– Годинашното патување почна во Неготино, каде што проекцијата се одржи кај Спомен-костурницата. Потоа Патувачкото кино гостуваше во Пепелиште, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“. На 13 јули карванот продолжува во Демир Капија, на градското шеталиште, а на 14 јули ќе биде во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“. Последните две филмски вечери ќе се одржат на 16 јули во Негорци, во ООУ „Ристо Шуклев“, и на 17 јули во Гевгелија, во ООУ „Јосиф Јосифовски“. Веќе седумнаесет години Патувачкото кино се труди да ги поврзува луѓето преку приказните и да ги собира на плоштадите, во училишните дворови и во другите јавни простори што се претвораат во кино за една вечер. Покрај филмските проекции, секоја киновечер нуди можност за средба, разговор и заедничко споделување приказни што инспирираат, отвораат прашања и поттикнуваат дијалог – информираат од „Македокс“.
Патувачкото кино не се само проекциите туку и средбите пред и по филмот, разговорите што продолжуваат откако ќе се изгасне проекторот и приказните што се пренесуваат до следното место.
Седумнаесеттото Патувачко кино на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм. Проекциите се бесплатни. Повеќе информации за програмата на проекциите ќе бидат објавени на официјалните комуникациски канали на „Македокс“.